Вовед
Економските сметки за шумарство се збир на меѓусебно поврзани сметки со кои се опишуваат повеќе клучни карактеристики на шумите и поврзаните земјишни површини, ресурсите на дрвна маса, како и активностите во дејноста шумарство и сечење дрва.
Сметките за шумарство се состојат од сметки во четири главни области:
- Сметки на средства за пошумено земјиште
- Сметки на средства за залихите на дрвна маса
- Економски сметки за дејноста шумарство и сечење дрва и
- Табели на понуда и употреба за тековите на дрво во сурова состојба.
Економските сметки за шумарство обезбедуваат податоци за економскиот придонес на дејноста шумарство и сечење дрва во националната економија и користат концепти кои се посебно приспособени на специфичната природа на секторот. Нивната конзистентност и целосност се обезбедуваат во согласност со ЕСА 2010 (Европски систем на национални и регионални сметки), а се изготвуваат според методологијата на Евростат, објавена во „Прирачник за европските сметки за шумарство“ (European Forest Accounts Handbook).
1. Правни основи
1.1 Законска основа
Правна основа за реализација на статистичките истражувања е Законот за државна статистика („Службен весник на Република Македонија“ бр. 54/97, 21/07, 51/11, 104/13, 42/14, 192/15, 27/16, 83/18 и 220/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 31/20).
Меѓународни стандарди:
Регулатива (ЕУ) бр. 691/2011 на Европскиот парламент и на Советот за европски сметки за животна средина.
Регулатива (ЕУ) 2024/3024 на Европскиот парламент и на Советот од 27 ноември 2024 година (Анекс VII за Модул за сметки за шумарство што ја дополнува Регулатива (ЕУ) бр. 691/2011 на Европскиот парламент и на Советот за европски сметки за животна средина за воведување нови модули за сметки за животна средина.
Regulation - 2024/3024 - EN - EUR-Lex
1.2 Заштита на податоците
Индивидуалните податоци се заштитени со Законот за државна статистика. Податоците прибрани со статистички истражувања од извештајните единици или индиректно од административни или други извори се доверливи податоци и се користат само за статистички цели. Резултатите од статистичката обработка исто така може да генерираат информации што се сметаат за доверливи, на пример, анонимизирани индивидуални податоци, табели со ниско ниво на агрегирање, како и необјавени податоци. Политиката за статистичка доверливост ги содржи основните принципи користени во ДЗС.
2. Цел на статистичкото истражување и единици на набљудување
2.1 Цел на статистичкото истражување
Целта на истражувањето за Сметки за шумарството е да ја покажат вредноста на шумите и шумските ресурси од економска и еколошка гледна точка. Економските сметки во шумарството го опишуваат економскиот развој на дејноста шумарство.
2.2 Статистичка популација
Во истражувањето за економските сметки за шумарство се вклучени сите единици кои ја вршат дејноста шумарство и сечење дрва. Во Република Северна Македонија дејноста шумарство ја вршат: претпријатија регистрирани во дејноста шумарство, претприемачи и земјоделски стопанства кои ја исполнуваат дефиницијата на европско споредливо земјоделско стопанство кое има најмалку еден хектар користена земјоделска површина, или помалку од 1 хектар користена земјоделска површина, но најмалку 0.1 хектар користена земјоделска површина и 0.9 хектари шума. Земјоделските стопанства вршат дејност шумарство и сечење дрва како главна или секундарна дејност.
Економските сметки за шумарство ја опфаќаат целокупната дејност шумарство и сечење дрва, која што е одделива од дефиницијата, независно од институционалниот сектор во кој припаѓа. Бидејќи се засновани на концептот на дејност, опфатени се сите производствени единици кои вршат дејност како примарна или секундарна, и се регистрирани во истата класа на Националната класификација на дејностите (НКД Рев. 2.1). Во дејноста шумарство и сечење дрва (А 02) се вклучени одгледување шуми и други дејности поврзани со шумарството (А 02.10), сечење дрва (А 02.20), собирање шумски плодови и производи, освен дрва (А 02.30) и помошни услуги во шумарството (А 02.40).
3. Избор на примерок
3.1 Дефинирање на целната популација
Не е применливо.
3.2 Дизајнирање и рамка на избор на примерокот
Не е применливо.
4. Извештајни единици и начин на прибирање на податоците
4.1 Извештајни единици
Не е применливо.
4.2. Начин на прибирање на податоците
Економските сметки за шумарство се составуваат врз основа на бројни статистички истражувања:
- Статистички истражувања од земјоделските и статистиките на шумарство
- Социјални статистики – цени на мало на енергенти
- Статистики на надворешна трговија
- Национални сметки (финансиски услуги, даноци и други субвенции на производство)
За составување на економските сметки за шумарство се користат и административни податоци:
- Податоци од Јавното претпријатие Национални шуми: цени на шумски производи, машини и опрема, работна сила, број на вработени – на определено работно време, неопределено работно време и сезонски работници.
4.3 Периодика на прибирање на податоците
Годишна
4.4 Референтен период
Податоците се прибираат годишно, од март до август во тековната година (t) за претходната година (t-1).
5. Основни концепти и дефиниции
5.1 Дефинирање на статистички варијабли
Главни варијабли на Сметките за шумарството се: површина на шумско земјиште, дрвни залихи, производство, меѓуфазна потрошувачка, бруто додадена вредност, факторски приход, оперативен вишок/мешан приход, потрошувачка на фиксен капитал, формирање на бруто фиксен капитал, деловен приход и вработеност.
Површината на шумско земјиште се однесува на целото пошумено земјиште во рамките на референтната земја како и на соодветните површини на друго земјиште со дрвна покривка. Класите се: Шума (1), Шума достапна за снабдување со дрво (1.1), Шума недостапна за снабдување со дрво (1.2), Друго шумско земјиште (2), Друго шумско земјиште достапно за снабдување со дрво (2.1) и Друго земјиште со дрвна покривка достапно за снабдување со дрво (3). Податоците се проценети во физички – 1000 хектари и монетарни единици – милиони денари.
Количината на дрвна маса на пошумено земјиште се однесува на вкупните залихи на дрвна маса на пошуменото земјиште и на друго земјиште со дрвна покривка достапно за снабдување со дрво во рамките на референтната земја. Податоците за залихи на дрвна маса се евидентираат според класи, и тоа: Шума (1), Шума достапна за снабдување со дрво (1.1), Шума недостапна за снабдување со дрво (1.2), Друго шумско земјиште (2), Друго шумско земјиште достапно за снабдување со дрво (2.1) и Друго земјиште со дрвна покривка достапно за снабдување со дрво (3). Податоците се проценети во физички – 1000 m3 со кора и монетарни единици – милиони денари.
6. Дефиниции на клучните индикатори
6.1 Дефиниција на индикаторот
Производство во дејноста шумарство е еднакво на вредноста на производство на шумски стоки, вредноста на производство на услуги во шумарството и вредноста на неразделни секундарни дејности што не се поврзани со шумарството. Се пресметува за една календарска година и се проценува по основни цени, што значи дека сите даноци на производи и услуги се исклучени, додека сите субвенции на производи и услуги се вклучени. Производството во дејноста шумарство е составено од пазарно производство (набавка) и сопствена финална потрошувачка.
Меѓуфазна потрошувачка се проценува по набавни цени. Ја претставува вредноста на сите производи и услуги што ги купуваат и користат шумските работници во процесот на производство во шумарството. Меѓуфазната потрошувачка ги опфаќа сите производи со животен век од една година и производи чијашто вредност не надминува 500 евра.
Бруто додадена вредност по основни цени е еднаква на производството во дејноста шумарство по основни цени минус меѓуфазната потрошувачка по набавни цени. Исто така, бруто додадената вредност е еднаква на збир од потрошувачка на фиксен капитал, надоместок за вработени, други даноци за производство и бруто оперативен вишок/бруто мешан приход, додека други субвенции за производство се одземени.
Нето додадена вредност по основни цени е еднаква на производството во дејноста шумарство по основни цени минус меѓуфазната потрошувачка по набавни цени минус потрошувачка на фиксен капитал. Исто така, нето додадената вредност е еднаква на збир од надоместок за вработени, други даноци за производство и бруто оперативен вишок/бруто мешан приход, додека други субвенции за производство се одземени.
Факторски приход е износот што останува по подмирувањето на трошоците за факторите на производство. Факторскиот приход е еднаков на нето додадена вредност минус други даноци за производство плус други субвенции на производство. Исто така, факторскиот приход е еднаков на збир од нето оперативен вишок и надоместок за вработени.
Оперативен вишок е остаточна категорија еднаква на факторскиот приход на компаниите минус надоместокот за вработени.
Мешан приход е остаточна категорија на неинкорпорирани претпријатија и самовработени лица. Мешаниот приход може да биде прикажан или како нето или бруто вклучувајќи потрошувачка на фиксен капитал.
Деловен приход е еднаков на нето оперативен вишок/нето мешан приход минус платени закупнини и камати, како и примени камати што се однесува само на производството во шумарството. Категоријата може да биде прикажана или како нето или бруто вклучувајќи потрошувачка на фиксен капитал.
6.2 Пресметка на индикаторот
Производство во дејноста шумарство = вредност на производство на стоки карактеристични за дејноста шумарство и сечење дрва + вредност на производство на услуги карактеристични за дејноста шумарство и сечење дрва + вредност на производство на други производи од поврзани секундарни дејности во локалната единица + вредност на други производи.
Меѓуфазна потрошувачка = вредност на влезни стоки + вредност на влезни услуги + вредност на други стоки и услуги кои не се пресметуваат во ниту една варијабла на меѓуфазна потрошувачка.
Бруто додадена вредност = производство – меѓуфазна потрошувачка
Нето додадена вредност = бруто додадена вредност – потрошувачка на фиксен капитал
Факторски приход = нето додадена вредност – други даноци на производство + други субвенции на производство
Оперативен вишок/мешан приход = факторски приход – надоместок на вработени
Деловен приход = оперативен вишок/мешан приход – платени наемнини – платена камата + добиена камата
7. Номенклатури и класификации
7.1 Класификации
1. Класификација на производи по дејности – КПД
2. Национална класификација на дејности – НКД Рев. 2.1
7.2 Номенклатури
/
7.3 Кодни листи
/
8. Обработка на податоците
8.1 Обработка на податоците
По добивањето влезни податоци, се врши компаративно проучување на вредностите на податоците врз основа на споредба на вредностите меѓу годините и потенцијално постојни поврзани извори на податоци. Секоја неизвесност во однос на податоците претходно се потврдува со влезните извори и се врши корекција на секоја грешка. По проверката и корекциите податоците се внесуваат во подготвени табели. По завршување на внесот табелирање на резултатите се врши со подготовка на табели уредени според вредноста на одредени варијабли во стандарден формат за испорака во Евростат.
Не се спроведуваат процедури за податоци што недостасуваат (неодговор), како што се импутација, додавање, пондерирање.
8.2 Ниво на агрегација на излезните податоци
Податоците се агрегирани на национално ниво.
8.3 Обврска за заштита на податоците
Вработените лица во Заводот на определено или неопределено време, како и извршителите кои врз основа на договор вршат прибирање или при својата работа имаат пристап до доверливи податоци, должни се тие податоци да не ги оддаваат за време и по престанувањето на работниот однос или ангажирање по договор за дело.
Наведените лица, пред добивањето пристап до доверливи податоци, потпишуваат изјава за заштита на статистичката доверливост преку која ќе бидат запознаени со обврските за заштита на податоците.
9. Публикување на податоците
9.1 Медиуми за објавување на статистичките податоци
МАКСТАТ база на податоци
https://makstat.stat.gov.mk/PXWeb/pxweb/mk/MakStat/MakStat__ZivotnaSredina__SmetkiSum/
База на податоци на Евростат
https://ec.europa.eu/eurostat/databrowser/view/for_eco_cp/default/table?lang=en&category=for.for_eaf
10. Ревизија на податоците
10.1 Вид на ревизија
Нема воспоставено политика за ревизија.
10.2 Причини за ревизија
Рутински ревизии за вршат редовно за да се инкорпорираат најнови податоци и информации.
Контакт лице:
Сузана Стојановска