Државен завод за СТАТИСТИКА

Извештаи

Извештај од Европската комисија

Земјата е помеѓу умерено и добро ниво на подготвеност во областа на статистиката. Постигнат е одреден напредок , главно во статистиката на пазарот на трудот и социјалната статистика, националните сметки, ажурирањето на стандардите за класификација на деловните субјекти, како и обезбедувањето дополнителни човечки и финансиски ресурси.

Поглавје 18: Статистика

Земјата е помеѓу умерено и добро ниво на подготвеност во областа на статистиката. Постигнат е одреден напредок , главно во статистиката на пазарот на трудот и социјалната статистика, националните сметки, ажурирањето на стандардите за класификација на деловните субјекти, како и обезбедувањето дополнителни човечки и финансиски ресурси.

Препораките на Комисијата од минатата година беа делумно спроведени и остануваат во голема мера да важат. Во наредната година, Северна Македонија особено треба:

→ да го усвои Законот за попис на земјоделството и да го спроведе пописот на земјоделството, користејќи ги наменските буџетски средства и досега преземените активности;

→ да продолжи да обезбедува соодветен кадар и доволно финансиски средства за Државниот завод за статистика;

→ да ја подобри усогласеноста со Европскиот систем на сметки 2010 (ESA 2010), да ги отстрани ознаките што го спречуваат објавувањето на статистиката за владини финансии (GFS), да ги реши отворените прашања поврзани со секторизацијата на единиците, да ги пополни недостатоците во податоците во постапката за прекумерен дефицит и статистиката за владини финансии и да продолжи со подобрување на степенот на усогласеност на финансиските сметки и кварталните национални сметки со ESA 2010.

Поглавје 18: Статистика

Европската статистика ја развиваат, произведуваат и дисеминираат земјите членки на ЕУ, водени од начелата и критериумите за квалитет разработени во Регулативата за европска статистика, како што се професионална независност, непристрасност, веродостојност, достапност и статистичка доверливост.

Предвидени се заеднички правила за методологијата, производството и дисеминацијата на статистички информации, кои се дополнително прецизирани во секторското законодавство што го сочинува правото на ЕУ за статистика.

Статистичката инфраструктура и натаму е во голема мера усогласена со правото на ЕУ, а Законот за државната статистика е усогласен со принципите на Кодексот за работа на европската статистика. И покрај одредениот напредок во справувањето со долгогодишниот проблем со човечките ресурси во Државниот завод за статистика (ДЗС), Заводот и натаму се соочува со недоволни човечки и финансиски ресурси. Доставувањето на податоци до Евростат продолжи да се подобрува, особено во националните сметки и социјалната статистика. 

Во однос на класификациите и регистрите, Националната класификација на дејностите е усогласена со NACE Rev. 2.1.

Во областа на макроекономската статистика, ажурирани се сериите на годишните и кварталните национални сметки. Бруто-националниот доход (БНД) се пресметува врз основа на стандардите на ESA 2010, при што редовно се доставуваат податоците за БНД и БДП до Евростат во рамките на програмата за трансмисија на ESA 2010.

Постигнат е одреден напредок во пресметувањето на податоците за даноците и социјалните придонеси на пресметковна основа, како и во експерименталниот развој и доставување на табелата 11 за расходите на државата според функциите (COFOG). Сепак, потребни се понатамошни подобрувања, особено во однос на ажурирањето на инвентарот на БНД.

Исто така, ДЗС треба да ја реши и секторизацијата на единиците во владиниот сектор, да ги достави кварталните податоци за GFS за 2025 година, како и податоците за табелите 27, 28 и 28А од ESA, и да ги отстрани ознаките што го спречуваат објавувањето на податоците за GFS, што претставува поширок предизвик во однос на фискалната транспарентност.

Од декември 2025 година, Народната банка ги доставува податоците за финансиските сметки за трансакциите и биланси на состојба до Евростат, но потребни се подобрувања во однос на комплетноста на секторските сметки и усогласувањето на финансиските текови со нефинансиските сметки.

Деловната и трговската статистика продолжува редовно да се собира, а потребна е понатамошна работа за подобрување на собирањето податоци и директното известување за меѓународната трговија со услуги и странските директни инвестиции.

Што се однесува до социјалната статистика, точноста на податоците е зголемена по ревизијата на меѓупописните проценки на населението врз основа на резултатите од пописот во 2021 година, а значителни подобрувања беа направени и во доставувањето на податоците од областа на пазарот на трудот, статистиката на Европската Унија за приходите и условите за живот (EU-SILC) и Европскиот систем на интегрирана статистика за социјална заштита (ESSPROS).

Во однос на земјоделската статистика, подготовките за пописот на земјоделството се во тек, но бавниот законодавен процес носи ризик од одложување на пописот од 2026 во 2027 година. Државниот буџет за 2026 година предвидува наменски издвоени средства за пописот, со што се обезбедува солидна финансиска основа за негово спроведување.

Статистиката за енергија на Северна Македонија е во голема мера усогласена со барањата на ЕУ. Во однос на статистиката за животната средина, до Евростат се доставуваат податоци за сметките за шумарството, како и за монетарните и физичките сметки за животната средина.

Статистиката за транспортот е во голема мера усогласена со барањата на ЕУ, но Северна Македонија сè уште нема доставено податоци за мобилноста на патниците до Евростат.