Партнерско оценување
Партнерското оценување е дел од стратегијата на Европскиот статистички систем за мониторинг на имплементацијата на Кодексот на работа на европската статистика.

Партнерското оценување е процес чија цел е оценување на степенот на усогласеност/хармонизација со Европскиот статистички систем и со Кодексот на работа на европската статистика и обезбедување поддршка и помош на статистичките институции да го подобрат и да го развијат националниот статистички систем.
На партнерско оценување подлежат сите земји членки на ЕУ, ЕФТА земјите, Евростат и земјите кандидатки за влез во ЕУ, за кои се подготвува поразлична методологија. Во рамките на ЕСС, досега се спроведени три рунди на оценување: 2006 – 2008, 2013 – 2015 и 2021 – 2023, додека македонскиот статистички систем е оценуван во 2011 и во 2017 година.
Во процесот се оценуваат статистичките институции и останатите носители во статистичкиот систем што развиваат, произведуваат и дисеминираат европски статистики. Вклучување на останатите овластени носители производители на европска статистика е особено важно за зголемување на соработката, свеста за Кодексот на работа на европската статистика и за улогата на носителите во статистичкиот систем.
За спроведување на процесот се подготвува цел пакет од документи кои се усвојуваат од Комитетот на Европскиот статистички систем.
Процесот е долготраен и сложен од аспект на подготовките, бидејки бара големи подготвителни и организациски активности и вклучување и комуницирање со различни засегнати страни (интерно и екстерно).
По завршувањето на процесот, Евростат подготвува извештај за статистичкиот систем и листа на препораки, а институциите во рамките на националниот статистички систем треба да подготват План на акции за спроведување на тие препораки. Евростат ја следи годишно реализацијата на препораките.