Визуелен идентитет
Новиот дизајн на веб-страницата има за цел да ја подобри достапноста и јасноста на статистичките податоци и да овозможи поедноставен и побрз пристап до најновите информации

Новата веб-страница е дел од напорите на Државниот завод за статистика да обезбеди поголема транспарентност и разбирливост на статистичките податоци. Редизајнираната веб-страница е кориснички ориентирана, модернизирана и оптимизирана за сите типови уреди, сè со цел да ги задоволи потребите на корисниците и да го олесни процесот на користење на статистичките информации.
Новиот дизајн на веб-страницата има за цел да ја подобри достапноста и јасноста на статистичките податоци и да овозможи поедноставен и побрз пристап до најновите информации. Со модерниот дизајн и јасно организираните содржини, посетителите можe полесно да пребаруваат и да преземаат податоци од различни области, како што се демографијата, економијата, пазарот на трудот, животниот стандард, надворешната трговија, индустријата, образованието, животната средина и други.
Кога зборуваме за статистичките продукти, наша цел е да побудиме интерес за нивно користење. Новата веб-страница ја пуштаме наспроти одбележувањето 80 години официјална статистика во државата. Како институција со долга традиција, координатор на националниот статистички систем, визуелниот идентитет на институцијата е особено важен и има огромно значење за препознавање на официјалните статистички податоци како прв избор при користењето податоци. Со новата веб-страница, новото лого и новиот url го започнуваме процесот на ребрендирање на институцијата.
Идејното решение на логото се заснова на столпчиња, кои вообичаено се користат за графичко прикажување на податоци. Трите столпчиња ја претставуваат основната дејност на Заводот, а постепеното зголемување на нивната висина асоцира на развој.
Во горниот дел столпчињата се поврзани со хоризонтални елементи, при што се формира буквата „М“, првата буква од „македонска статистика“. Овој симбол истовремено асоцира на зграда – институција, стабилност, растеж, успех.
Боите што се употребуваат во логото се во гамата на топлите бои, т.е. мешавина на жолта и црвена боја – боите на нашето знаме, во неколку градации. Овој избор на бои симболизира движење, растеж, позитивност, оптимизам. Боите се определени така што се видливи и на светла и на темна позадина.
Сите овие активности имаат за цел да ги рефлектираат напорите за модернизирање на институцијата и да ја зголемат свесноста за значењето и важноста на статистичките податоци. Официјалните статистики се синоним за квалитетни и меѓународно споредливи статистики податоци, произведени со примена на соодветни статистички процедури, без надворешно влијание. Тие претставуваат јавно добро и основна вредност за демократијата, пазарната економија и идниот развој на државата.