Законски акти

Закон за Државна статистика

„Службен весник на Република Македонија” бр. 54/1997, 21/2007, 51/2011, 104/2013, 42/2014, 192/2015, 27/16, 83/18, 220/18, 31/20 Консолидиран текст

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ
 
Член 1
Со овој закон се уредува поставеноста и полето на работата на државната статистика, методолошките и организациски основи на статистичките истражувања, прибирањето, обработката, презентирањето, чувањето, заштитата и дисеминацијата на статистички податоци.
 
Член 2
Државната статистика е стручна независна дејност која врз осова на научни основи, на корисниците (правни и физички лица) им обезбедува податоци за економијата, демографијата, социјалниот живот, заштитата на животната средина и другите области.
 
Член 3
Одделни изрази употребени во овој закон го имаат следново значење:
- под „официјални статистички податоци во Република Македонија” се подразбираат податоците кои во согласност со Програмата за статистички истражувања ги објавуваат Државниот завод за статистика и овластените носители;
- под „статистичко истражување” се подразбира процес на подготовка, прибирање, обработка, складирање, чување, анализа и дисеминација на податоци за масовни појави врз основа на научни основи од областите од членот 2 од овој закон;
- под „извештајна единица” се подразбираат правните лица, физичките лица, органите на државната власт и домаќинствата кои во рамките на статистичките истражувања даваат податоци исклучиво за статистички цели;
- под „статистичка единица” се подразбира основна единица на набљудување на која се однесуваат податоците;
- под „збирка на податоци” се подразбираат регистрите утврдени со закон, евиденциите утврдени со закон или општите акти врз основа на закон, бази и банки на податоци што се водат врз основа на јавни и други овластувања;
- под „корисник на податоци” се подразбираат сите правни и физички лица кои имаат потреба од статистички податоци;
- под „Програма за статистички истражувања” се подразбира акт со кој се утврдуваат статистичките истражувања за повеќегодишен период согласно со овој закон;
- под „дисеминација на податоци” се подразбираат активностите за презентирање на статистичките податоци и метаподатоците и обезбедување пристап на корисниците до нив;
- под „статистички регистри” се подразбираат збирки на податоци за извештајните единици со одредена содржина и форма кои континуирано се ажурираат од сите релевантно достапни извори и се користат исклучиво за статистички цели;
- под „овластени носители” се подразбираат: Државниот завод за статистика, Народната банка на Република Македонија и другите субјекти наведени во Програмата за статистички истражувања, кои во прибирањето, обработката и дисеминацијата на податоците применуваат статистички стандарди, методи и техники;
- под „носители на збирки на податоци” се подразбираат правните лица, органите на државната власт или други тела кои ги водат овие збирки согласно со посебни закони и ги користат за утврдување на правата и обврските на правните и на физичките лица;
- под „користење за статистички цели” се подразбира користење на податоците исклучиво за развој и производство на официјалните статистички податоци;
- под „доверливи податоци” се подразбираат податоци кои овозможуваат извештајната, односно статистичката единица, да биде идентификувана директно или индиректно и со тоа да се откријат индивидуалните информации. Како доверливи податоци се сметаат:
1.идентификациските податоци кои овозможуваат директна идентификација на правното лице, физичкото лице или органот на државната власт, а се однесуваат на називот, односно името и презимето, адресата и единствениот идентификациски број кој се води согласно со закон,
2.индивидуалните податоци кои се однесуваат на правно лице,
3.индивидуалните податоци кои се однесуваат на физичко лице (лични податоци),
4.посебните категории на лични податоци согласно Законот за заштита на личните податоци и
5.агрегираните статистички податоци кои овозможуваат извештајната единица да биде идентификувана индиректно;
- под „директна идентификација” се подразбира препознавање на статистичката единица преку нејзините идентификациски податоци и
- под „индиректна идентификација” се подразбира идентификација на статистичката единица на кој било начин различен од начинот на директна идентификација. “
 
 
Член 4
Државната статистика се спроведува според начелата на стручна независност, неутралност, објективност, сигурност, статистичка доверливост и рационалност.
 
 
 
Член 4-а
Начелата од член 4 на овој закон го имаат следново значење:
- “стручна независност” значи дека работите на официјалната статистика се вршат врз основа на стручни и научни методи и сознанија и се заштитени од какво било влијание, исто како и времето и содржината на сите форми на дисеминација,
- “неутралност” значи стручен начин на одредување на методите и дефинициите на прибирање, обработка и дисеминација на статистичките податоци, ослободен од какво било влијание и сите корисници мора да бидат подеднакво третирани,
- “објективност” значи дека статистиката мора да се развива, да произведува и да дисеминира на систематичен, сигурен и непристрасен начин, со користење на професионални и етички стандарди, а користените политики и практики се транспарентни за корисниците и давателите на податоци,
- “сигурност” значи дека статистиките ќе ја мерат и прецизираат реалноста точно и конзистентно, притоа користејќи научни критериуми за селекција на изворите, методите и процедурите,
- “статистичка доверливост” значи дека податоците кои се прибираат од извештајните единици преку статистичките истражувања или индиректно, од административни или други извори, се доверливи податоци и се користат исклучиво за статистички цели, што подразбира забрана за користење за нестатистички цели и нивно незаконско разоткривање и
- “рационалност” значи дека трошоците кои се потребни за производство на државната статистика треба да бидат пропорционални на важноста на резултатите и очекуваните придобивки и неопходно е минимизирање на товарот на извештајните единици и оптимално користење на постојните ресурси.
 
Член 4-б
Државниот завод за статистика и останатите овластени носители ги развиваат, произведуваат и дисеминираат статистиките со почитување на следните критериуми за квалитет: релевантност, точност, навременост, придржување кон предвидени рокови, пристапност и јасност, кохерентност и споредливост.
 
Член 4-в
Критериумите од членот 4-б на овој закон го имаат следното значење:
- “релевантност” го означува степенот до кој статистиката одговара на сегашните и потенцијалните потреби на корисниците,
- “точност” ја означува блискоста на пресметките кои ги прави статистиката со реалните вредности,
- “навременоста” го означува временскиот период меѓу настанувањето на појавата и објавувањето на информациите кои ја опишуваат,
- “придржување кон предвидените рокови за објавување” го означува објавувањето на податоците според Календарот за објавување на официјалните статистички податоци.
- “пристапност и јасност” значи дека државната статистика треба да се презентира во јасна и разбирлива форма, да се дисеминира на соодветен начин, да биде расположива и достапна врз непристрасна основа и придружена со потребните метаподатоци и
-”кохерентност и споредливост” значи дека официјалните статистички податоци треба да бидат конзистентни и споредливи меѓу регионите и земјите, во различни временски периоди, со можност за нивно комбинирање и заедничко користење од различни извори.”
Во примената на критериумите за квалитет од ставот 1 на овој член, се почитуваат европските регулативи на одделните статистички области во поглед на структурата и периодиката за подготовка на извештаи за квалитет.
 
 
Член 4-г избришан
 
   
 
II. ОРГАНИЗАЦИОНА ПОСТАВЕНОСТ НА ДРЖАВНАТА СТАТИСТИКА
 
 
Член 5
Основните задачи во извршувањето на дејноста на државната статистика ги врши Државниот завод за статистика (во натамошниот текст: Заводот) преку спроведување на статистички истражувања во соработка со извештајните единици и со добивање на податоци од носителите на збирки на податоци.
 
Статистички истражувања , исто така спроведуваат и:
- Народната банка на Република Македонија и
- други субјекти наведени во Програмата за статистички истражувања (во натамошниот текст: овластени носители).
Статистичките истражувања што ги спроведуваат овластените носители од ставовите 1 и 2 на овој член, се утврдуваат во Програмата за статистички истражувања .
 
Член 6
Овластените носители во врска со статистичките истражувања што ги спроведуваат во согласност со Програмата за статистички истражувања (во натамошниот текст: Програма), ги вршат следните работи:
- ги подготвуваат методолошките основи за статистичките истражувања, во согласност со членовите 14 и 15 од овој закон,
- ги подготвуваат инструментите за реализација на истражувањето (методологии,упатства, обрасци и друго),
- вршат обработка и дисеминација на официјалните статистички податоци добиени од статистичките истражувања и
- вршат и други работи утврдени со овој закон.
 
 
 
1. Државен завод за статистика
 
Член 7
Заводот е координатор на државната статистика во рамките на статистичкиот систем на Република Македонија.
Заводот е стручна самостојна,управна организација со својство на правно лице и надлежности утврдени со овој и друг закон.
            Во заводот се организираат регионални одделенија на територијата на Република Македонија.
            Бројот на Регионалните одделенија ќе биде утврден со акт за организација и работа на Заводот.
 
 
Член 8
Заводот, во рамките на своите надлежности, ги врши следниве стручни работи:
- ги координира активностите на државната статистика,
- ги подготвува и пропишува инструментите за статистичките истражувања (методологии, упатства, обрасци и друго.),
   -ги подготвува националните статистички стандарди,
- прибира и обработува статистички податоци,
- врши анализа на статистичките податоци, подготвува статистички прогнози, трендови и модели,
- ги исполнува меѓународните обврски во областа на статистиката,
- ги утврдува потребите од статистичките податоци,
- ги чува и дисеминира статистичките податоци,
-координира при доставувањето на статистичките податоци на меѓународни организации,
- соработува со овластените носители кои вршат статистички истражувања од областа на државната статистика во рамките на својата надлежност,
- на овластените носители им дава мислење за методолошките основи во согласност со членот 15 од овој закон,
- дава мислење при воведување на нови и при дополнување на постоечките збирки на податоци кои можат да бидат извор на податоци за државната статистика, согласно со членот 24-б од овој закон,
- пропишува организациско-технички мерки за заштита на доверливите податоци,
- дава иницијативи и предлози за содржинско дополнување на постоечките и на новите збирки на податоци кои согласно закон и Програмата се користат за статистичките истражувања,
- врши услуги во областа на статистиката за потребите на корисниците, по нивно барање,
- воспоставува, води и одржува статистички збирки на податоци,
- самостојно и во соработка со други овластени носители реализира проекти од областа на државната статистика,
-врши надзор над спроведувањето на одредбите на овој закон,
- врши популаризација на статистиката и
- врши и други работи утврдени со овој и друг закон.
 
Член 9
Со Заводот раководи директор кој го именува и разрешува Владата на Република Македонија за време од четири години, со право повторно да биде именуван.
Директорот на Заводот има заменик кој го именува и разрешува Владата на Република Македонија за време од четири години.
Директорот и заменик на директорот се именуваат по спроведен јавен оглас за избор, објавен во три дневни весници кои се издаваат на целата територија на Република Македонија, од кои еден се издава на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.
За директор и за заменик на директорот на Заводот може да биде именувано лице кое ги исполнува следните услови:
1. да е државјанин на Република Македонија;
2. со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна забрана за вршење професија, дејност или должност;
3. да има стекнати 240 кредити според ЕКТС или VII/1 степен образование;
4. најмалку пет години работно искуство;
5. да има соодветен доказ (сертификат), не постар од пет години, за положен англиски јазик и тоа:  
- ТОЕФЛ ИБТ (со најмалку 74 бодови)
- ИЕЛТС (IELTS) - најмалку 6 бода
- ИЛЕЦ (ILEC) (Cambridge English: Legal) - најмалку Б2 (B2) ниво
- ФЦЕ (FCE) (Cambridge English: First) - положен
- БУЛАТС (BULATS) - најмалку 60 бода или
- АПТИС (APTIS) - најмалку ниво Б2 (Б2)
На директорот или на заменикот на директорот функцијата може да му престане со негово разрешување или во случај на смрт.
Директорот, односно заменикот на директорот се разрешува, ако:
-тоа сам го побара,
-биде осуден за кривично дело на безусловна казна затвор во траење од најмалку шест месеца и
-поради нестручно, пристрасно и несовесно вршење на функцијата и надлежностите кои му се доверени со закон.
 
 
Член 9-а
Директорот на Заводот е одговорен за одлучување за прашања кои се однесуваат на стручно-методолошките прашања на државната статистика, а особено на :
- содржината и методологијата на статистичките активности и
- опфатот и видот на податоците кои се прибираат и дисеминираат врз основа на Програмата.
Директорот на Заводот има право на јавно соопштување во случај на погрешно толкување или злоупотреба на статистичките податоци.
Директорот на Заводот е должен да го штити професионалниот кредибилитет на државната статистика од непрофесионално влијание од каков било вид.
 
 
 
2. Совет за статистика на Република Македонија
 
 
Член 10
Се основа Совет за статистика на Република Македонија (во понатамошниот текст: Совет) како стручно, советодавно тело за државната статистика.
 
Член 11
Советот е составен од претседател и 13 членови кои ги именува и разрешува Собранието на Република Македонија.
Претседателот и другите членови се претставници на:
- Собранието на Република Македонија од редот на вработените, со звање најмалку до државен советник - еден член,
- Министерството за финансии - еден член,
- Народната банка на Република Македонија - еден член,
- Заедницата на единиците на локалната самоуправа - два члена,
- економско социјалниот совет - еден член,
- невладините организации - еден член,
- стопанските комори - три члена и,
- научните институции - три члена и
Директорот на Заводот е член на Советот по функција.
Членовите на Советот се именуваат за период од четири години.
Заводот ги врши административно-техничките работи за потребите на Советот.
Финансиските средства неопходни за работа на Советот се обезбедуваат во рамките на средствата за работа на Заводот од Буџетот на Република Македонија
 
Член 12
Советот ги врши следните работи:
- расправа за појдовни основи за Програмата;
- дава мислење по Предлогот за донесување на програмата;
- дава предлози за измени и дополнувања на Програмата до Заводот;
- дава мислење за предложените измени и дополнувања на Програмата;
- дава мислење за Годишниот извештај на Заводот за реализација на Програмата;
- дава мислење и предлози по закони и други прописи од областа на државната статистика;
- предлага модернизација и рационализација на државната статистика;
- предлага унапредување на меѓународната соработка во областа на статистиката;
- за својата работа, Советот, поднесува Годишен извештај до Собранието на Република Македонија и
- донесува Деловник за својата работа.
 
Член 13
Директорот на Заводот може да формира комисии за одредени области (во натамошниот текст: комисии).
Комисиите од став 1 од овој член се составени од стручни лица кои даваат стручна помош во развојот на статистичките методологии, номенклатури, стандарди и слично.
 
3. Координативен комитет
Член 13-а

Се основа Координативен комитет, како стручно, координативно и советодавно тело за координирање на државната статистика.


Член 13-б
Координативниот комитет е составен од претседател и осум членови.
Претседателот и членовите на Координативниот комитет, кои ги именува и разрешува Владата на Република Македонија, се претставници на овластените носители за спроведување на статистички истражувања од редот на раководните службеници кои се одговорни за реализација на статистички истражувања, и тоа:
- Државниот завод за статистика- еден член,
- Министерството за финансии-еден член,
- Министерството за внатрешни работи-еден член,
- Министерството за правда-еден член,
- Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија-еден член,
- Агенцијата за вработување на Република Македонија-еден член,
- Институтот за јавно здравје на Република Македонија-еден член и
- Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство - Управата за хидрометеоролошки работи-еден член.
Член на Координативниот комитет е и еден претставник од Народната банка на Република Македонија, од редот на вработените на раководни работни места кои се одговорни за реализација на статистички истражувања.
Директорот на Заводот по функција е претседател на Координативниот комитет.
Мандатот на членовите на Координативниот комитет е четири години.
Заводот ги врши административно-техничките работи за потребите на Координативниот комитет.


Член 13-в
Координативниот комитет ги врши следните работи:
- ја поддржува работата и активностите поврзани со производство на официјални статистики во рамките на националниот статистички систем;
 - врши координација и усогласување на активностите во врска со остварувањето на стратешките определби за натамошниот развој на официјалните статистики и националниот статистички систем во целина, меѓу овластените носители;
- дава сугестии и предлози по методолошките основи за статистичките истражувања на Заводот и овластените носители;
- ја јакне непосредната соработка помеѓу Заводот и овластените носители;
- ја следи имплементацијата на законодавството на Европската унија во областа на статистиката;
- гради единствен пристап во толкувањето на принципите на Кодексот за работа на европската статистика, релевантни за овластените носители и врши дефинирање на начинот на оцена на усогласеноста;
- ја следи имплементацијата и усогласеноста на државната статистика со Кодексот за работа на европската статистика;
- дава предлози до Заводот за формирање на заеднички работни групи заради потребата од стручно-методолошко и информатичко усогласување помеѓу Заводот и овластените носители;
- промовира заеднички проекти и обуки на вработените кои работат на статистички истражувања;
- го јакне идентитетот на националниот статистички систем;
- дава насоки и предлози за стратешки партнерства за унапредување на статистичкиот систем;
- за својата работа за информирање поднесува годишен извештај до Владата на Република Македонија и
-донесува Деловник за својата работа.
 
III. МЕТОДОЛОШКИ ОСНОВИ ЗА ПРИБИРАЊЕ НА ПОДАТОЦИ ВО СТАТИСТИЧКИТЕ ИСТРАЖУВАЊА 
Член 14
Методолошките основи за прибирање на податоци во статистичките истражувања содржат:
- избор на извештајните единици;
- задолжителна содржина на статистичите обрасци;
- дефиниции, стандарди и слично кои ќе се применуваат при спроведувањето на статистичкото истражување и
- обврска за задолжително давање на податоците.
 
 
 
 
Член 15
Методолошките основи за прибирање на податоците во статистичките истражувања во согласност со Програмата ги утврдува Заводот .
По исклучок на став 1 на овој член, овластените носители, по претходно добиено мислење од Заводот, ги утврдуваат методолошките основи за прибирање на податоците во статистичките истражувања за кои се надлежни согласно со Програмата.
 Заводот е должен, во рок од 15 дена по приемот на барањето, да даде мислење по предложените методолошки основи од овластениот носител.
Доколку не биде дадено мислење во рокот од став 3 на овој член, ќе се смета дека е дадено позитивно мислење.
Во случај на негативно мислење за методолошките основи, Заводот ја информира Владата на Република Македонија.
 
Членовите 16 и 17 избришани
 
Член 18
При реализацијата на статистичките истражувања се користат единствени стандарди кои опфаќаат: класификации и номенклатури.
Стандардите од став 1 на овој член ги утврдува Владата на Република Македонија и се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија” .
 
Член 19 избришан
 
IV. ПРОГРАМА ЗА СТАТИСТИЧКИ ИСТРАЖУВАЊА
 
Член 20
Програмата за статистички истражувања ја донесува Владата на Република Македонија.
Предлогот за донесување на Програмата го подготвува Заводот во соработка со овластените носители.
Програмата се донесува за период од пет години, а по потреба се менува и дополнува годишно.
Програмата се објавува во “Службен весник на Република Македонија” .
 
 
Член 21
За реализација на Програмата Заводот, како координатор на државната статистика поднесува Годишен извештај до Владата на Република Македонија до 31 мај во тековната за претходната година.
 
Овластените носители се должни до Заводот да доставуваат податоци за изготвување на Годишниот извештај до 31 март во тековната за претходната година.
 
Член 22
 “Со Програмата се утврдуваат:
- единствениот број на истражувањето,
- називот на статистичкото истражување,
- периодиката на статистичкото истражување,
- извештајните единици,
- кратката содржина на статистичкото истражување,
- методот и начинот на прибирање на податоците,
- територијалното ниво на публикување на податоците,
- рокот за публикување на податоците,
- рокот за ревизија и
-меѓународните стандарди и регулативи.
 
 
Член 23
Спроведувањето на Пописот на населението, домаќинствата и становите и Пописот на земјоделството се уредува со посебни закони.
 
 
 
V. ЗБИРКИ НА ПОДАТОЦИ
 
Член 24
За порационално извршување на Програмата како и за другите потреби во согласност со овој закон, Заводот користи податоци од збирките на податоци.
 
 
Член 24-а
 
Збирките на податоци и регистрите задолжително содржат:
- идентификациски податоци,
- единици на збирките на податоци, односно единици на регистрите,
- методологии на водење и одржување,
- функции на поврзување,
- основи на заштита на податоците и информациите и
- податоци за единиците на збирките на податоци, односно на регистрите .
 
 
Член 24-б
 
Носителите на збирки на податоци, пред нивното воспоставување или изменување и дополнување со податоци, се должни да добијат писмено мислење од Заводот.
Заводот, во случаите од ставот 1 на овој член, е должен да даде мислење во рок од 15 дена од приемот на барањето.
Доколку не биде дадено мислење во рокот од став 2 на овој член, ќе се смета дека е дадено позитивно мислење.
Во случај на негативно мислење кое не е прифатено од страна на носителот на збирката на податоци, Заводот ја информира Владата на Република Македонија.”
 
 
Член 25
Збирките на податоци можат да се користат како извори на податоци за статистичките истражувања кои ги спроведува Заводот, доколку се обезбеди заштита на податоците согласно со закон.
При водењето на збирки на податоци кои се користат и за статистички истражувања, носителите на збирки на податоци ги применуваат единствените стандарди (класификации и номенклатури).
Носителите на збирките на податоци утврдени со закон, се должни на Заводот да му ги обезбедат податоците кои се содржани во збирките, а се неопходни за реализација на статистичките истражувања.
По преземањето на податоците од останатите збирки на податоци, Заводот овие податоци ги уредува, ги складира и ги чува во своите збирки на податоци.
 
 
 
VI. СТАТИСТИЧКИ РЕГИСТРИ
 
 
Член 25-а
Заводот користи податоци од збирки на податоци, пописи, статистички истражувања и податоци собрани преку методот на набљудување и следење, заради организирање и водење на статистички регистри.
Заводот има право да ги прилагоди податоците добиени од збирки на податоци заради нивно усогласување со дефинициите и стандардите што се користат за статистичките регистри кои ги води.
 
.Член 25-б избришан
 
Член 25-в
Податоците од статистичките регистри исклучиво се користат за статистички цели.
Под статистичка цел во смисла на ставот 1 од овој член се подразбира користење на податоците од статистичките регистри заради спроведување на статистички истражувања, како и за објавување на статистички податоци.
 
 

VII. ПРИБИРАЊЕ, ОБРАБОТКА И ЧУВАЊЕ НА ПОДАТОЦИТЕ
 
 
Член 26
Правните лица и органите на државната власт кои се извештајни единици се должни податоците што треба да ги обезбедат за статистичките истражувања кои ги спроведува Заводот, да ги дадат во однапред дефиниран формат согласно со Програмата, без надомест.
 
Член 27
Пред прибирањето на податоците, Заводот и овластените носители мора да ги запознаат извештајните единици со следново:
- законската основа за прибирање на податоците;
- целта за која се прибираат податоците;
- името на овластениот носител што ќе ги прибере и обработи податоците;
- заштитата на податоците;
- опфатот и начинот на прибирање на податоците;
- обврска за давање на податоците.
 
Член 28
Во однапред дефинираниот формат за прибирање на податоците со статистичкото истражување задолжително се наведува:
- правниот основ за извршување на статистичкото истражување;
- називот на овластениот носител кој е надлежен за спроведување на статистичкото истражување;
- називот и содржината на статистичкото истражување и
- обврска за заштита на податоците.
 
Член 29
На лицата кои се определени непосредно да ги приберат податоците од извештајната единица во својство на анкетари, проценители, попишувачи и други, и на лицата кои се определени да извршат контрола на податоците од извештајната единица, директорот на Заводот им издава писмено овластување.
 
Писменото овластување од став 1 на овој член ги содржи следните податоци: име и презиме на лицето, адреса на живеење, назив на статистичкото истражување за кое е овластен да ги прибере, односно провери податоците, обврска за заштита на податоците и рок за кој важи овластувањето.
Писменото овластување од став 1 на овој член важи само со лична карта и лицето е должно пред прибирањето или контролата на статистичките податоци да го покаже на извештајната единица.
 
Член 30
Правните лица и органите на државна власт кои се извештајни единици според Програмата имаат обврска на Заводот и на овластените носители да им ги достават бараните податоци во утврдените рокови и да им достават целосни и точни податоци.
Доколку податоците не се достават, не се достават во утврдените рокови или не се достават целосни и точни податоци, извештајните единици се должни да ги достават или дополнат во определен рок по писменото известување од страна на Заводот и на овластените носители..
Писменото известување од ставот 2 на овој член, Заводот и овластените носители го доставуваат до извештајната единица во рок од десет дена од денот на утврдувањето дека примените податоци не се доставени, не се доставени во утврдените рокови или не се доставени целосни и точни податоци.
Доколку извештајната единица не постапи по писменото известување во определениот рок, Заводот во рок од 15 дена ќе поведе постапка на надзор на извештајната единица
 
Член 31
Во случаи кога е потребно да се изврши оценка на методологијата или квалитетот на изворот на податоците кои се потребни за статистички истражувања или за потребите на пописите, Заводот и овластените носители можат да спроведат пробни истражувања и во случај кога таквите истражувања не се предвидени со Програмата. 
 
 
Член 32
Податоците прибрани во согласност со Програмата се чуваат во Заводот и кај овластените носители во согласност со пропишаните норми и стандарди.
Изворните материјали со кои се добиени податоците од извештајните единици во согласност со Програмата се чуваат во роковите што се неопходни за остварување на целта за која се прибрани.
Директорот на Заводот, односно лицето кое раководи со овластениот носител, ги пропишува роковите од став 2 на овој член за статистичките истражувања во рамките на своите надлежности.
 
Член 33
Официјалните статистички податоци добиени од статистичките истражувања, утврдени со Програмата, како агрегирани, се чуваат трајно на начин и постапка пропишани од директорот на Заводот, односно од лицето кое раководи со овластениот носител во рамките на своите надлежности.
 
 
 
VIII. ЗАШТИТА НА ПОДАТОЦИТЕ
 
Член 34
Заводот и овластените носители имаат право да прибираат доверливи податоци за статистички цели за статистичките истражувања утврдени со Програмата.
 
 
Член 35
Индивидуалните податоци можат да се користат единствено за статистички цели кои се утврдени со Програмата,како и за цели согласно со овој закон. Поединечно, овие податоци не можат да се компилираат или ставаат во други збирки на податоци што се користат за нестатистички цели.
 
Член 35-а избришан
 
 
Член 36
Во случаите кога индивидуалните податоци се прибираат непосредно, извештајната единица ќе биде информирана за податоците содржани во член 27 на овој закон.
                                                                                
Член 37
Посебните категории на лични податоци што се обработуваат за статистички цели се прибираат во форма што не овозможува идентификација на лицето на кое се однесуваат.
По исклучок од став 1 на овој член ако за обработката на посебните категории на лични податоци е потребна идентификација на лицето на кое се однесуваат, тогаш ќе се обезбеди соодветна заштита, вклучувајќи и одвојување на идентификационите податоци уште во фазата на нивното прибирање, освен ако ова е очигледно неразумно или непрактично.
Единствениот матичен број на граѓанинот може да се користи за статистички цели во фазата на прибирање, обработка и контрола на личните податоци содржани во статистичките регистри.
При прибирањето, обработката и контролата на личните податоци од ставот 3 на овој член, Заводот е должен да води сметка единствениот матичен број на граѓанинот да не биде непотребно видлив, печатен или преземен од статистичките регистри.
 
Член 38
Сите доверливи податоци прибрани за статистички цели подлежат на заштита согласно со закон.
 
Член 39
Вработените лица во Заводот и кај овластените носители на определено или неопределено време, како и извршителите кои врз основа на договор вршат прибирање или при својата работа имаат пристап до доверливи податоци, должни се тие податоци да не ги оддаваат за време и по престанувањето на работниот однос или ангажирање по договор за дело.
Лицата од ставот 1 на овој член, пред добивањето пристап до доверливи податоци, потпишуваат изјава за заштита на статистичката доверливост преку која ќе бидат запознаени со обврските за заштита на податоците.
 
Член 40
Индивидуалните податоци прибрани и обработени за статистички цели, по извршената обработка ќе бидат складирани и чувани до објавување на официјалните статистички податоци.
По исклучок од ставот 1 на овој член, податоците може да се чуваат и подолго, согласно со членот 32 ставови 1 и 2 од овој закон.
 
Член 41
Заводот и овластените носители од членот 6 од овој закон можат, врз основа на писмено барање, да даваат индивидуални податоци без идентификациски податоци за извештајната единица, исклучиво на регистрирана истражувачка организација и регистрирани индивидуални истражувачи за научноистражувачки цели, доколку корисникот ги обезбеди сите мерки за заштита утврдени со закон и со други прописи.
Писменото барање од ставот 1 на овој член мора да ги содржи: статусот на корисникот, целта на користењето на податоците, заштитата на податоците, описот на проектот, рокот за завршување на активноста, начинот и времето на објавување на податоците.
За користење на податоците од став 1 на овој член се склучува посебен договор врз основа на кој корисникот се обврзува дека податоците ќе ги користи за целта која е наведена во барањето, дека нема да ги даде на увид и користење на неовластени лица и дека после употребата ќе ги уништи.
Трошоците за подготовка на податоците ги сносат корисниците од став 1 на овој член.
Заводот и овластените носители водат евиденција за корисниците од став 1 на овој член, како и за целта за која се дадени статистичките податоци на користење.
Формата, содржината, како и начинот на водењето на евиденцијата за корисниците ги пропишува директорот на Заводот, односно лицето кое раководи со овластениот носител.
Поблиските услови и начинот на користење на индивидуалните податоци ги пропишува директорот на Заводот, односно лицето кое раководи со овластениот носител.
 
Член 42
Официјалните статистички податоци ќе бидат објавени доколку не содржат доверливи податоци.
По исклучок од ставот 1 на овој член доверливите податоци, без директна идентификација, прибрани за статистички цели, може да се објавуваат и да се даваат во следниве случаи, ако:
- има писмена согласност од статистичката единица за која се однесуваат тие податоци,
- податоците се земени од јавните - општо достапни збирки на податоци и
- податоците се јавно објавени од страна на статистичката единица согласно со закон.
Заводот може да публикува доверливи податоци без директна идентификација за увоз и за извоз, а кои дозволуваат индиректна идентификација на статистичката единица, освен доколку статистичката единица го забранува тоа.
Писмената согласност од став 2 алинеја 1 на овој член може да се повлече во секое време и без образложение.
 
Член 43
За да се обезбеди заштита на доверливите податоци, прибрани за статистички цели, се преземаат мерки против неовластен пристап, доставување или било каква неовластена обработка, како и мерки со кои се спречува уништувањето, губењето, промената, злоупотребата или неовластената употреба на податоците.
Мерките и техниките за обезбедување заштита на податоците прибрани според Програмата ги пропишува директорот на Заводот, односно лицето кое раководи со овластениот носител.
 
 
 
IX. ДИСЕМИНАЦИЈА НА ПОДАТОЦИТЕ
 
Член 44
Официјалните статистички податоци што се објавуваат во согласност со Програмата, се јавни и секому достапни и задолжително се објавуваат од страна на Заводот и од овластените носители.
Овластените носители доставуваат до Заводот примерок од официјалните статистички податоци добиени од статистичките истражувања од Програмата што ги објавуваат.
Интегралните публикации од статистичките истражувања, предвидени во Програмата, ги објавува Заводот.
Размената на податоците собрани за статистички цели меѓу Заводот и овластените носители се врши врз основа на договор.
Заводот и овластените носители се должни да објавуваат референтни метаподатоци според стандардизирана структура заедно со дисеминираните податоци.
 
Член 45
Заводот и овластените носители се должни да подготват Календар за објавување на официјалните статистички податоци и да го ажурираат на почетокот на секое тримесечје.
Заводот и овластените носители се должни да ги објавуваат податоците во согласност со Календарот од став 1 на овој член и да ги информираат корисниците за какво било задоцнување.
Календарот од став 1 на овој член содржи назив на податоците кои се објавуваат и датуми на нивното објавување и се објавува на веб страниците на Заводот и на овластените носители.
 
Членовите 46 и 47 избришани
 
 
Член 48
Цените на публикационите материјали и трошоците за подготовка на податоците по барање на корисници од земјата и од странство ги определуваат Заводот и овластените носители.
Цените на публикационите материјали Заводот и овластените носители ги објавуваат на своите интернет страници.
 
Член 48-а
Во системот на државната статистика Заводот има координативна улога во рамките на меѓународната статистичка соработка.
Во извршувањето на меѓународните обврски, Заводот во соработка со останатите овластени носители, мора да оствари споредливост со останатите европски земји, да ги почитува и да ги примени меѓународните стандарди вклучувајќи го и Кодексот за работа на европската статистика и активно да учествува во развојот на државната статистика на меѓународно ниво.
 
 
X. МЕЃУНАРОДНА СТАТИСТИЧКА СОРАБОТКА
 
 
Член 49
При исполнување на меѓународните обврски Заводот, во соработка со овластените носители во областа на статистиката, соработува, посредува и разменува податоци со други држави и меѓународни организации.
Примерок од податоците кои овластените носители ги доставуваат во рамките на меѓународната статистичка соработка ги доставуваат и до Заводот.
По исклучок од став 2 на овој член доколку податоците што ги даваат овластените носители треба да се усогласуваат со меѓународните статистички норми и стандарди, податоците се даваат по предходна согласност на Заводот.
При извршување на обврските од став 1 на овој член Заводот односно овластените носители соработуваат со министерството надлежно за надворешни работи, а по потреба и со други органи на државната управа.
 
Член 49-а
Заводот и овластените носители, врз основа на добиено писмено барање, можат да даваат индивидуални податоци без идентификациски податоци за извештајната единица на меѓународни статистички организации и институции кои продуцираат статистички податоци од други држави.
Секое натамошно доставување на индивидуални податоци без идентификациски податоци за извештајната единица дадени согласно со ставот 1 на овој член, мора да биде одобрено од страна на Заводот.
            
Член 49-б
Заводот и другите овластени носители можат да пренесуваат индивидуални податоци без идентификациски податоци во меѓународни статистички организации и институции кои продуцираат статистички податоци од други држави, за статистички цели и за научноистражувачки цели, доколку се обезбедени сите мерки за заштита и за пренос на податоците согласно со закон.  
 
Член 50
За извршување на своите задачи, по претходна согласност од Владата на Република Македонија, Заводот може да се зачлени во меѓународни организации и со нив да соработува.
Потребните средства за членскиот влог во случаите од став 1 на овој член се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија.
 
Член 51
Меѓународната статистичка соработка се остварува преку:
-подготовка на статистички податоци во согласност со меѓународни и меѓудржавни договори што Република Македонија ги склучила и ги прифатила;
- членување и соработка со меѓународни и регионални организации и асоцијации;
- учество во подготовката на меѓународни публикации;
- учество во реализацијата на меѓународни проекти;
- соработка со статистички органи на други земји во областа на статистиката и
- подготовка и давање на користење статистички податоци на барање на корисници од странство.
 
Член 52
Во однос на заштитата на податоците при меѓународната статистичка соработка се применуваат одредбите од овој закон и Законот за заштита на лични податоци.
 
 
 
XI. ФИНАНСИРАЊЕ НА ДРЖАВНАТА СТАТИСТИКА
 
 
Член 53
Средства за реализација на Програмата се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија и од други извори согласно закон.
Приходите од вршењето на работите на државната статистика се уплатуваат на посебни сметки на органите кои ги вршат работите од областа на статистиката.
 
 
XI-а НАДЗОР
 
Член 53-а
Заводот врши надзор над работата на извештајните единици во однос на обврската за доставување на целосни и точни податоци во утврдени рокови.
 
Член 53-б 
Во постапката при вршењето на надзорот ќе се применуваат одредбите од Законот за општата управна постапка и Законот за инспекциски надзор, доколку со овој закон поинаку не е уредено.
 
Член 53-в 
Надзорот над спроведувањето и примената на овој закон, како и други прописи од областа на државната статистика го вршат овластени лица за вршење надзор од редот на вработените во Заводот (во натамошниот текст: овластеното лице).
Овластеното лице работите на надзорот ги врши во организациона единица на Заводот.
Овластеното лице може да биде лице кое покрај општите услови за засновање работен однос на државен службеник утврдени со закон треба да има завршено високо образование и да има работно искуство од најмалку три години во струката.
   
Член 53-г 
При вршење на надзор, овластеното лице е должно да го презентира индивидуалното овластување за вршење на надзорот издадено од страна на директорот на Заводот.
Заради вршење на надзорот овластеното лице може да:
-влезе во работните простории на субјектот на надзорот,
-изврши увид на финансиско-сметководствената и друга документација на субјектот на надзорот и да побара копии на документите и
- бара усмено или писмено објаснување во врска со документацијата.
 
  
Член 53-д
За извршениот надзор овластеното лице составува записник со наод за утврдената состојба. Записникот се доставува до субјектот на надзорот во рок од 15 дена од денот на завршување на надзорот.
Субјектот на надзорот во рок од осум дена од денот на приемот на записникот може да достави забелешки.
 По истекот на рокот од ставот 2 на овој член, овластеното лице за утврдените недостатоци во работата изготвува решение во кое ги определува мерките и рокот за нивното отстранување.
Со решението од став 1 на овој член овластеното лице ги определува соодветните мерки и активности кои треба да ги преземе субјектот на надзорот.
Ако при вршењето на надзорот не се утврдени повреди на прописите или повредите се остранети за време на вршењето на надзорот, овластеното лице наместо решение донесува заклучок за запирање на постапката за вршење надзор, против кој не се дозволени правни средства. 
 
Член 53-ѓ 
Против решението на овластеното лице може да се изјави жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението.
По жалбата на решението на овластеното лице одлучува посебна комисија составена од претседател и два члена именувани од директорот на Заводот.
Комисијата од став 2 на овој член одлучува во рок од 15 дена од денот на приемот на жалбата.
 
Член 53-е
Ако при вршење на надзорот од страна на Заводот се утврди дека е сторен прекршок од членовите 54 до 58 од овој закон со сторителот ќе се спроведе постапка за порамнување пред поднесување на барање за поведување на прекршочна постапка согласно со Законот за прекршоците. 
 
 

XII. ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ
 
Член 54
Глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност, ќе му се изрече за прекршок на правното лице кое нема својство на трговско друштво, ако на Заводот или на овластениот носител не му ги достави бараните податоци согласно членот 30 од овој закон.За прекршокот од ставот 1 на овој член на одговорното лице во правното лице или службеното лице во органот на државната власт ќе му се изрече глоба во износ од 100 до 200 евра во денарска противвредност.  
 
 
Член 54-а
 Глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност, ќе му се изрече за прекршок на правното лице кое нема својство на трговско друштво, ако на Заводот или на овластениот носител не му достави целосни и точни податоци согласно со членот 30 од овој закон.
За прекршокот од ставот 1 на овој член на одговорното лице во правното лице или службеното лице во органот на државната власт ќе му се изрече глоба во износ од 100 до 200 евра во денарска противвредност.    
 
Член 54-б
 
Глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност, ќе му се изрече за прекршок на правното лице кое нема својство на трговско друштво, ако на Заводот или на овластениот носител не му ги достави податоците во предвидениот рок од членот 30 од овој закон.
За прекршокот од ставот 1 на овој член на одговорното лице во правното лице или службеното лице во органот на државната власт ќе му се изрече глоба во износ од 100 до 200 евра во денарска противвредност.
 
Член 54-в
 
За прекршок сторен од трговско друштво кое на Заводот или на овластениот носител нема да му ги достави бараните податоци согласно членот 30 од овој закон, ќе му се изрече глоба во износ :
-на правното лице микро трговец глоба во износ од 250 до 500 евра во денарска противвредност.
-на правното лице мал трговец глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност.
-на правното лице среден трговец глоба во износ од 1.000 до 2.000 евра во денарска противвредност.
-на правното лице голем трговец глоба во износ од 2.000 до 5.000 евра во денарска противвредност.

За прекршокот од ставот 1 на овој член ќе се изрече глоба на:
- одговорното лице во правното лице микро трговец во износ од 50 до 100 евра во денарска противвредност,
- одговорното лице во правното лице мал трговец во износ од 100 до 150 евра во денарска противвредност,
- одговорното лице во правното лице среден трговец во износ од 150 до 250 евра во денарска противвредност и
- одговорното лице во правното лице голем трговец во износ од 250 до 500 евра во денарска противвредност.
 
Член 54-г
 
За прекршок сторен од трговско друштво кое на Заводот или на овластениот носител не му достави целосни и точни податоци согласно членот 30 од овој закон, ќе му се изрече глоба во износ:
-на правното лице микро трговец глоба во износ од 250 до 500 евра во денарска противвредност.
-на правното лице мал трговец глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност.
-на правното лице среден трговец глоба во износ од 1.000 до 2.000 евра во денарска противвредност.
-на правното лице голем трговец глоба во износ од 2.000 до 5.000 евра во денарска противвредност.

За прекршокот од ставот 1 на овој член ќе се изрече глоба на:
- одговорното лице во правното лице микро трговец во износ од 50 до 100 евра во денарска противвредност,
- одговорното лице во правното лице мал трговец во износ од 100 до 150 евра во денарска противвредност,
- одговорното лице во правното лице среден трговец во износ од 150 до 250 евра во денарска противвредност и
- одговорното лице во правното лице голем трговец во износ од 250 до 500 евра во денарска противвредност.
 
Член 54-д
 
За прекршок сторен од трговско друштво кое на Заводот или на овластениот носител нема да му достави податоци во предвидениот рок согласно членот 30 од овој закон, ќе му се изрече глоба во износ:
-на правното лице микро трговец глоба во износ од 250 до 500 евра во денарска противвредност.
-на правното лице мал трговец глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност.
-на правното лице среден трговец глоба во износ од 1.000 до 2.000 евра во денарска противвредност.
-на правното лице голем трговец глоба во износ од 2.000 до 5.000 евра во денарска противвредност.

За прекршокот од ставот 1 на овој член, ќе се изрече глоба на:
- одговорното лице во правното лице микро трговец во износ од 50 до 100 евра во денарска противвредност,
- одговорното лице во правното лице мал трговец во износ од 100 до 150 евра во денарска противвредност,
- одговорното лице во правното лице среден трговец во износ од 150 до 250 евра во денарска противвредност и
- одговорното лице во правното лице голем трговец во износ од 250 до 500 евра во денарска противвредност.
 
Членот 54-ѓ се брише.
 
Член 55
Глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на правното лице ако ги повреди одредбите за заштита на доверливите податоци добиени по основ на член 41 од овој закон или не ги обезбеди или преземе мерките за заштита, или ги користи надвор од целите за кои ги добило (член 41 ставови 1 и 2).
За прекршокот од став 1 на овој член ќе се изрече на одговорното лице во правното лице или регистрираниот индивидуален истражувач глоба во износ од 100 до 250 евра во денарска противвредност.
За прекршокот од став 1 на овој член на полнолетно физичко лице кое по основ на работен однос или договор имало пристап до индивидуалните податоци ќе се изрече глоба во износ од 100 до 250 евра во денарска противвредност.
 
 
Член 56
Глоба во износ од 150 до 300 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на службеното лице во Заводот или овластениот носител и лицето од член 43 став 1 од овој закон, за непреземање или повреда на пропишаните мерки за заштита на податоците.
 
Член 57
Глоба во износ од 250 до 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за сторен прекршок на правното лице надлежно за водење на збирката на податоци утврдени со законите со кои тие се воспоставени, ако на барање на заводот не ги обезбеди бараните податоци (член 25 став 3).
Глоба во износ од 250 до 500 евра во денарска противвредност ќе се изрече на одговорното лице во правното лице за прекршок од ставот 1 на овој член.
 
Член 58
Глоба во износ од 250 до 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за сторен прекршок на правното лице надлежно за водење на збирката на податоци утврдени со законите со кои тие се воспоставени, ако пред воведувањето или измените и дополнувањата на содржината на збирката не побара писмено мислење од Заводот (член 24-б став 1).
Глоба во износ од 250 до 500 евра во денарска противвредност ќе се изрече на одговорното лице во правното лице за прекршок од ставот 1 на овој член.
 
Член 58-б
(1) За прекршоците утврдени во членовите 54, 54-а, 54-б, 54-в, 54-г, 54-д, 55, 56, 57 и 58 од овој закон, овластеното лице од Државниот завод за статистика е должно на сторителот на прекршокот да му издаде прекршочен платен налог, согласно Законот за прекршоци.
(2) Доколку сторителот го прими прекршочниот платен налог, истиот треба да го потпише. Примањето на прекршочниот платен налог од сторителот на прекршокот се забележува во записник.
(3) Во записникот од став (2) на овој член се утврдува начинот на кој ќе се отстранат штетните последици од прекршокот, како и начинот на надминување на последиците од сторениот прекршок.
(4) Кога како сторител на прекршок се јавува правно лице, записникот и прекршочниот платен налог ги потпишува одговорното лице во правното лице или од него овластено лице.
(5) Овластеното лице од Државниот завод за статистика е должно да води евиденција за издадените прекршочни платни налози и за исходот од покренатите постапки.
(6) Директорот на Државниот завод за статистика ги пропишува формата и содржината на прекршочниот платен налог.
 
Член 58-в
Одмерувањето на висината на глобата за правното лице се врши согласно со Законот за прекршоците.
 
Член 58-г
За прекршоците утврдени со овој закон, прекршочна постапка води и прекршочни санкции изрекува надлежен суд.
 
 
 
XIII. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
 
Член 59
 
До донесувањето на подзаконските акти предвидени со овој закон ќе се применуваат постојните прописи доколку не се во несогласност со овој закон.
 
Член 60
Државниот завод за статистика продолжува да работи со делокруг определен со овој и друг закон.
Општите акти за организација и работа и за систематизација на работите и задачите на Заводот, директорот ќе ги донесе во рок од три месеци од влегувањето во сила на овој закон.
 
Член 61
Со денот на влегување во сила на овој закон престануваат да важат Законот за статистички истражувања од интерес за Републиката (“Службен весник на СРМ” бр.5/74 и 20/88) и Законот за статистички истражувања од интерес за целата земја (“Службен лист на СФРЈ” бр. 39/77, 63/86 и 44/89).
            
Член 62
Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
 
 
Одредби од други закони
Закон за изменување и дополнување на Законот за државната статистика ("Службен весник на Република Македонија" бр.51/2011)
 
Член 22
Класификацијата на трговските друштва од членовите 54-в,54-7 и 54-д на овој Закон се врши во согласност со членот 470 од Законот за трговските друштва (Службен весник на Република Македонија бр.28/2004,84/2005,25/2007,87/2008,42/10,48/10 и 24/11)
 
 
Закон за изменување и дополнување на Законот за државната статистика ("Службен весник на Република Македонија" бр.42/2014)

Член 2
Директорот и заменикот на директорот на Заводот именувани до денот на отпочнувањето на примената на овој закон продолжуваат да ја вршат функцијата до истекот на мандатот за кој се именувани.
 
Член 3
Одредбите од член 1 од овој закон ќе отпочнат да се применуваат во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон, освен одредбите кои се однесуваат на условот за познавање на странски јазик кои ќе отпочнат да се применуваат по две години од денот на влегувањето во сила на овој закон.
 
 
Закон за изменување и дополнување на Законот за државната статистика ("Службен весник на Република Македонија" бр.192/2015.
 
Член 12
Подзаконскиот акт чие донесување е утврдено со овој закон ќе се донесе во рок од 30 дена од денот на влегување во сила на овој закон.
Закон за изменување и дополнување на Законот за државната статистика ("Службен весник на Република Македонија" бр.83/2018.
 
Член 2
Одредбите од членот 9 став 4 точка 5) од Законот за државната статистика („Службен весник на Република Македонија“ број 54/1997, 21/2007, 51/11, 104/13, 42/14, 192/15 и 27/16) и одредбите од членот 1 од овој закон со кој се менува членот 9 став 4 точка 5), нема да се применуваат од денот на влегувањето во сила на овој закон до 1 септември 2018 година.
Член 3
Директорот кој е именуван во периодот од денот на влегувањето во сила на овој закон до 1 септември 2018 година, е должен да го исполни условот за познавање на странски јазик најдоцна во рок од една година од денот на неговото именување. На директорот кој нема да го исполни условот за познавање на странски јазик во рокот утврден во ставот 1 на овој член му престанува мандатот.

Закон за изменување и дополнување на Законот за државната статистика ("Службен весник на Република Македонија" бр.220/2018.

Член 4
Претседателот и членовите на постојниот Совет за статистика на Република Македонија именувани до денот на влегувањето во сила на овој закон, продолжуваат да ја вршат должноста до именувањето на Советот за статистика на Република Македонија согласно овој закон. Претседателот и членовите на Советот за статистика на Република Македонија од член 1 од овој закон ќе бидат именувани во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 5
Координативниот комитет од член 3 од овој закон ќе се формира во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Закон за изменување и дополнување на Законот за државната статистика („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.31/20)

Член 11
Подзаконските акти предвидени со овој закон ќе се донесат во рок од три месеци од денот на влегување во сила на овој закон.