Европска интеграција
Држењето чекор со времето и успешното имплементирање на европските статистички стандарди се само дел од предизвиците со кои Државниот завод за статистика успешно се справува повеќе од 25 години. ДЗС не ја занемари обврската за усогласување на македонската статистика со законодавството на ЕУ бидејќи подобрувањето и модернизацијата на статистичкиот систем е наша постојана мисија.

Улогата на Државниот завод за статистика во процесот на пристапување кон Европската Унија
Спогодба за стабилизација и асоцијација
Државниот завод за статистика директно е вклучен во имплементацијата на Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА), чиј потписник е Република Македонија во 2001 година. Директорот на Државниот завод за статистика е член на Работниот комитет за евроинтеграција.
Како резултат на високиот степен на усогласеност со начелата на официјалната статистика на Организацијата на Обединетите нации и Евростат, Државниот завод за статистика, со потпишувањето на ССА, доби двојна улога во официјалната статистика во земјава.
Во процесите на имплементирање на ССА, Државниот завод за статистика има обврска да обезбедува сигурни, објективни, точни, навремени и меѓународно споредливи статистички податоци, во согласност со потребите во сите сфери на ССА, од една страна, а од друга страна, Заводот е координатор на Националниот статистички систем и има обврска да обезбедува сигурни, објективни, точни и навремени статистички податоци за потребите на носителите на политики во државава.
Скрининг
Целта на скринингот е да ги запознае земјите кандидати со правото на Европската Унија и да ги подготви за преговорите. Од друга страна, има за цел и да ѝ овозможи на Европската комисија да го оцени степенот на подготвеност на земјите кандидати, да биде информирана за нивните планови и да добие прелиминарни насоки за прашањата што ќе бидат најактуелни во преговорите.
Поглавјето 18 Статистика е дел од првиот кластер на поглавја, Фундаментални вредности. Активностите во ова поглавје овозможуваат Националниот статистички систем соодветно да ги исполни барањата на правото на ЕУ во областа на статистиката.
Правилата на ЕУ наложуваат, според правото на ЕУ од Поглавје 18, земјите членки да се способни да произведат статистики кои се темелат на професионална независност, непристрасност, веродостојност, транспарентност и доверливост. Предвидени се заеднички правила за методологија, обработка и дисеминација на статистички информации.
За поглавјето 18 Статистика досега се одржаа три билатерални состаноци во рамките на скринингот. Оценката на Европската комисија е дека македонската официјална статистика има постигнато високо ниво на усогласеност со европското законодавство и меѓународните стандарди.