Прибирање податоци

Општи информации

Правна основа за спроведување на статистичките истражувања

Статистичките истражувања се спроведуваат во согласност со член 26 од Законот за државната статистика и Програмата за статистички истражувања Државниот завод за статистика ги спроведува следните статистички истражувања:

Кои се даватели на податоците?

Даватели на податоци (извештајни единици) се: правните лица, физичките лица, органите на државната власт и домаќинствата кои во рамките на статистичките истражувања даваат податоци исклучиво за статистички цели.

Под „користење за статистички цели“ се подразбира користење на податоците исклучиво за развој и производство на официјалните статистички податоци.

Доверливост на прибраните податоци

Под „доверливи податоци“ се подразбираат податоци што овозможуваат извештајната, односно статистичката единица да биде идентификувана директно или индиректно и со тоа да се откријат индивидуалните информации.

За доверливи податоци се сметаат:

  1. Идентификациските податоци што овозможуваат директна идентификација на правното лице, физичкото лице или органот на државната власт, а се однесуваат на називот, односно името и презимето, адресата и единствениот идентификациски број што се води согласно со закон.
  2. Индивидуалните податоци што се однесуваат на правно лице.
  3. Индивидуалните податоци што се однесуваат на физичко лице (лични податоци).
  4. Посебните категории на лични податоци согласно со Законот за заштитата на личните податоци и
  5. Агрегираните статистички податоци што овозможуваат извештајната единица да биде идентификувана индиректно;
  • Директна идентификација е препознавање на статистичката единица преку нејзините идентификациски податоци, а
  • Индиректна идентификација е идентификација на статистичката единица на кој било начин различен од начинот на директната идентификација. 

Каде се објавуваат резултатите од статистичките истражувања?

Резултатите од статистичките истражувања се објавуваат на веб-страницата (во соопштенија, публикации во електронска форма, базата на податоци МакСтат) и во печатени публикации.

Информации за занкетирање на лица и домаќинства

Државниот завод за статистика дел од статистичките истражувања ги спроведува со анкетирање на домаќинствата и лицата кои живеат во нив. Тоа се следните истражувања:

  • Анкета за работната сила
  • Анкета за потрошувачката на домаќинствата
  • Анкета за користење на времето
  • Анкета за приходите и условите на живеење
  • Анкета за бројната состојба на добитокот во индивидуалните домаќинства
  • Анкета за користење на информатичко-комуникациски технологии во домаќинствата и кај поединци
  • Анкета за образованието на возрасните
  • Пилот-истражување за растителното производство – овоштарници и лозја.

Како сум избран за учество во анкетата?

Државниот завод за статистика ги спроведува дел од статистичките истражувања преку анкети што се базираат на примерок. Рамка за избор на примерокот претставуваат статистичките регистри кои што се водат во Заводот. Домаќинствата се избираат по случаен избор.

Еднаш учествував во анкета на Државниот завод за статистика. Зошто сум избран и за друга анкета?

Во Државниот завод за статистика се спроведуваат повеќе анкети со различна методологија. Од тие причини постои веројатност истото домаќинство да биде избрано во повеќе анкети или да биде избрано повеќепати во иста анкета.

Како се спроведуваат анкетите?

За спроведување на анкетите во Државниот завод за статистика постои анкетарска мрежа. Анкетите на терен ги спроведуваат анкетари кои го вршат анкетирањето со помош на прашалници, а од 2012 година анкети се прават и преку телефон. Но, првично домаќинството го анкетира анкетар кој го посетува домаќинството. Ако анкетарот Ве контактирал во време што не Ви одговара, кажете му го времето кога Ви одговара да Ви се јави или да Ве посети.

Потврдување на идентитетот на анкетарот

Анкетарите задолжително носат овластување издадено од Државниот завод за статистика. Вие секогаш можете да го потврдите идентитетот на анкетарот контактирајќи го Државниот завод за статистика на следниот линк.

Информациии за деловните субјекти

Државниот завод за статистика дел од статистичките истражувања ги спроведува со прибирање податоци од деловните субјекти и од органите на државната ввласт Податоците од деловните субјекти, органите на државната власт – извештајни единици се многу важни и затоа тие треба да бидат точно пополнети точно и доставени навремено до Државниот завод за статистика.

Како се избира деловниот субјект во истражувањето?

Државниот завод за статистика спроведува дел од статистичките истражувања, чиј извор се деловните субјекти врз база на примерок. Примерокот е избран од статистичките регистри кои што се водат во ДЗС, преку различни карактеристики релевантни за соодветното статистичко истражување. Понекогаш, карактеристиките според кои се избира деловниот субјект се совпаѓаат кај повеќе истражувања и деловниот субјект може да биде вклучен во повеќе статистички истражувања.

Начини на кои се спроведуваат истражувањата

Статистичките истражувања се спроведуват со пополнување печатени прашалници или преку електронски систем за прибирање податоци – еСтат. За истражувањата кои што се спроведуваат преку системот еСтат, деловниот е информиран субјект по електронска пошта дека е избран да учествува во истражувањето и му се испраќа корисничко име и лозинка за пристап до системот.

До кога треба да бидат доставени податоци од деловниот субјект?

Секое статистичко истражување, во зависност од периодиката, има краен рок до кога треба да бидат доставени податоците до Државниот завод за статистика, односно пополнети преку системот еСтат за да може навремено да бидат обработени и објавени.

Дали избраниот деловен субјект може да биде заменет со друг деловен субјект за учество во статистичкото истражување?

При спроведувањето на истражувањето не е дозволена замена на избраниот деловен субјект.

Што ќе се случи ако деловниот субјект не успее да достави податоци навремено?

Според член 26 од Законот за државната статистика деловните субјекти се должни податоците што треба да ги обезбедат, а што ги спроведува Заводот, да ги дадат во однапред дефиниран формат во согласност со Програмата за статистички истражувања, без надомест. Во членовите од 54 до 54д од Законот за државната статистика се предвидени казнени одредби за деловните субјекти – извештајните единици кои што не доставуваат податоци.

Кому да се обрати деловниот субјект ако има потреба од помош?

Ако деловниот субјект има проблем со пополнувањето на прашалникот, тогаш може слободно да се јави на телефонскиот број за контакт наведен во писмото за известување.

Како да дојдам до резултатите од статистичките истражувања?

Резултатите од статистичките истражувања се објавуваат на веб-страницата на Државниот завод за статистика (во соопштенија, публикации во електронска форма, базата на податоци МакСтат) и во печатени публикации.

Информации за субјектите на личните податоци

Државниот завод за статистика е самостојна стручна организација која, помеѓу другите надлежности, е надлежна да спроведува статистички истражувања. Статистичките истражувања што ги спроведува се утврдени во Програмата за статистички истражувања, која има петгодишна периодика. Со статистичките истражувања се прибираат лични податоци што се структурирани во одредени збирки на податоци. Податоците се добиваат директно со прибирање од извештајните единици физички лица, но и од извештајни единици правни лица, како и од носителите на регистри и бази на податоци.

Своето право да прибира и обработува податоци Државниот завод за статистика го засновува на одредбите од Законот за државната статистика („Службен весник на Република Македонија“ бр. 54/1997, 21/2007, 51/2011, 104/2013, 42/2014, 192/2015, 27/16,83/18 и 220/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 31/20), како и од Законот за заштитата на личните податоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 42/2020 и 294/21). Карактеристично е дека Законот му овозможува на Државниот завод за статистика да прибира и ЕМБГ на граѓанинот, но и лични податоци – посебни категории на лични податоци. Исто така, за да може да спроведува статистички истражувања, односно да прибира лични податоци, тоа мора да биде наведено во Програмата за статистички истражувања, која има петгодишна периодика и ја донесува Владата на Република Северна Македонија.

Правна основа за прибирање податоци

Правната основа за обработка на личните податоци се Законот за државната статистика и Законот за заштитата на личните податоци, кои на Државниот завод за статистика  му  даваат ексклузивно право да прибира лични податоци неограничено од кој било извор – од физички лица и носители на збирки на податоци и од други административни регистри. Конкретно, во член 34 од Законот за државната статистика е наведено дека Државниот завод за статистика има право да прибира индивидуални податоци од физички и правни лица без ограничување, и тоа за статистичките истражувања утврдени во Програмата за статистички истражувања. Во член 37 од Законот, Државниот завод за статистика има право да го прибира и обработува ЕМБГ на граѓанинот, како и да прибира посебни категории на лични податоци.

Вториот основен акт е Програмата за статистички истражувања. Законска основа за донесување на Програмата за статистички истражувања е член 20 став 1 од Законот за државната статистика. Врз основа на наведениот член, Програмата ја донесува Владата на Република Северна Македонија и таа се  објавува во  „Службен весник на Република Северна Македонија“. Програмата е подзаконски акт со кој се определуваат статистичките истражувања што се спроведуваат во одреден временски период и се определуваат овластените носители кои, покрај Државниот завод за статистика и Народната банка на Република Северна Македонија, вршат прибирање, обработка и дисеминација на статистички податоци применувајќи статистички стандарди, методи и техники. Во Програмата за статистички истражувања се наведени сите статистички истражувања од кои се продуцираат официјални статистички податоци. Програмата за статистички истражувања, исто така, е документ во кој Државниот завод за статистика и другите носители на статистички истражувања ги конципираат истражувањата со кои се обезбедуваат најважните индикатори, односно податоци од областа што ја покриваат. Тие податоци се продуцираат, пред сè, врз основа на примарните критериуми на статистичките истражувања од кои се добиваат официјални податоци базирани на соодветен опфат, дефиниција на појавата и единиците, дефинирање на територијалното ниво на податоците. Притоа, особено е важно нивото на заштита на податоците. Во Програмата се содржани истражувања со кои се поставуваат најважните правци за хармонизација на статистиката во државата со меѓународните стандарди со цел да се обезбедат меѓународно споредливи податоци, но и истражувања кои обезбедуваат повеќе индикатори за потребите на корисниците во државата.

Основниот концепт на Програмата е дизајниран во согласност со принципите на Кодексот за работа на европската статистика на Евростат и на принципите на државната статистика, за користење единствени стандарди за статистичките истражувања на сите учесници во Програмата и избегнување прекумерно оптоварување на извештајните единици.

Категории на субјекти на лични податоци

Петгодишната програма за статистички истражувања е структурирана така што за секое истражување прибира и податок за тоа кој е субјект на личните податоци, односно согласно со утврдената структура на образецот (утврдена во Законот за државната статистика), постои податок кој е извештајна единица, односно давател на податоците и тој податок е достапен во наведената програма.

Категории на лични податоци кои се обработуваат

Исто така, Петгодишната програма за статистички истражувања е структурирана така што за секое истражување прибира и податок кој е субјект на личните податоци, односно, согласно со утврдената структура на образецот (утврдена во Законот за државната статистика), постои податок за категориите на лични податоци кои се прибираат, односно во Програмата постои ред/колона: Кратка содржина на статистичкото истражување – во која се наведени личните податоци кои се прибираат за секое статистичко истражување.

Податоците се обезбедени од:

Податоците кои се обработуваат се обезбедуваат од физички лица и од носители на регистри и бази на податоци. Притоа, за секое истражување во образецот на Петгодишната програма, во редот  „Извештајна единица“ се наведува дали се работи за физичко лице или за правен субјект, при што се наведува категоријата на субјектот.

Начин на обработка

Податоците кои се прибираат преку бази и регистри на податоци се обработуваат електронски.

Податоците кои се прибираат од анкетни истражувања претходно се  контролираат, шифрираат и се внесуваат во информатичкиот систем на ДЗС на мануелен начин. Дополнително се врши автоматска обработка на податоците.

Рок на чување на податоците

Податоците кои ги прибира и обработува Државниот завод за статистика се чуваат во рокови кои  Заводот ги утврдува согласно со Законот за архивското работење и други подзаконски акти од областа на архивското работење, односно тековно се носи План на архивски знаци во кој се утврдуваат роковите за чување на податоците.

Прибирање, обработка и заштита на личните податоци

Со статистичките истражувања наведени во Програмата за статистички истражувања се прибираат голем број информации потребни за продуцирање статистички податоци. Во однос на принципот „Статистичка доверливост“ од Кодексот за работа на европската статистика, се посветува посебно внимание на личните податоци кои се прибираат од извештајните единици.
Методот на прибирање на личните податоци е административен, но се користи и метод на непосредно прибирање на податоците преку подготвени статистички обрасци од страна на Државниот завод за статистика.

Според Програмата за статистички истражувања, лични податоци се прибираат во демографските, социјалните и економските статистики. Во одредени статистички истражувања се прибираат и посебни категории на лични податоци, пред сè, податоци за етничката припадност на физичките лица. Потребата од прибирање на овие податоци произлегува од утврдените обврски во Уставот на Република Северна Македонија, како и во поголем број закони од аспект на правичната и рамномерната застапеност на припадниците на етничките заедници во Република Северна Македонија.

Во статистичките истражувања се прибира и податок за единствениот матичен број на граѓанинот. Потребата од прибирање на матичниот број произлегува од неопходноста да се обезбедат релевантни и квалитетни лични податоци и подготовка на релевантни, квалитетни и меѓународно споредливи статистики. Во реализацијата на наведената цел, матичниот број се користи во фазата на прибирање на посебните категории на лични податоци и во контролата на прибраните податоци, по што се врши одделување од варијаблите, што е во согласност со Законот за државната статистика.

Во функција на заштита на личните податоци, Државниот завод за статистика има утврдено систем за технички и организациски мерки за обезбедување тајност и заштита на обработката на личните податоци. Истовремено, податоците кои се прибираат преку статистичките истражувања се доверливи податоци, што значи дека тие единствено може да се користат за статистички цели и дека е забрането нивно користење за нестатистички цели, како и нивно незаконско разоткривање. Во однос на податоците кои ДЗС ги обезбедува од субјектите на лични податоци, најстрого е забрането податоците да се доставуваат на трети лица, без оглед на причината зошто се бараат тие. Податоците во никој случај не може да се објавуваат во форма преку која давателот на податоците ќе може да биде препознаен на директен или на индиректен начин.

Единствената можност која ја предвидуваат Законот за државната статистика и регулативите на ЕУ е индивидуалните податоци (меѓу кои и личните) да се даваат на научноистражувачки институции за научни цели, но без идентификатори, притоа максимално почитувајќи ги мерките за безбедност на податоците.

Ценејќи ги посебноста на Државниот завод за статистика и Законот за заштитата на личните податоци, член 21, став 3, алинеја г и член 86 предвидуваат дека субјектот на податоци нема право на увид, контрола, бришење и корекција на дадените лични податоци. Причините зошто е тоа наведено се дадени во Законот за државната статистика и во Законот за заштитата на личните податоци. Субјектите на лични податоци имаат право да бидат информирани единствено дека се обработуваат лични податоци.

Многу е важно да се знае дека секое лице што има достап до лични податоци потпишува изјава за тајност и заштита на обработката на личните податоци, а воедно мора да има овластување за обработка на личните податоци издадено од директорот на Државниот завод за статистика.