ДЗС и УНИЦЕФ заедно за зајакнување на податоците за децата и жените во Северна Македонија
MICS 2027: Кредибилни податоци за поефективни политики во справувањето со нееднаквостите и поддршката на семејствата
Државниот завод за статистика (ДЗС) и УНИЦЕФ потпишаа Меморандум за разбирање со кој официјално започнува подготовката за новиот циклус на Мултииндикаторското кластерско истражување (MICS 2027) во Северна Македонија. Ова партнерство го потврдува заедничкото залагање за обезбедување квалитетни, меѓународно споредливи податоци што ќе помогнат во креирањето јавни политики засновани на факти и докази.
Истражувањето MICS е едно од најсеопфатните во светот и обезбедува детални податоци за здравството, исхраната, образованието, раниот детски развој, заштитата на децата, попреченоста, родовата еднаквост и условите за живот. Податоците се расчленети според полот, возраста, местото на живеење и социјалниот статус, што овозможува креаторите на политики да разберат каде постојат нееднаквости и како најдобро да се распределат ресурсите.
Директорот на ДЗС, д-р Дејан Станков, при потпишувањето на овој Меморандум, истакна дека преку оваа соработка со УНИЦЕФ, ги зајакнуваме националните капацитети за спроведување големи истражувања кај домаќинствата и им обезбедуваме пристап до квалитетни податоци на носителите на одлуки, како и дека MICS 2027 ќе обезбеди важни сознанија за условите за живот на децата и жените и ќе придонесе за јавни политики што се базираат на квалитетни информации.
Повеќе од две децении MICS претставува клучен извор на податоци за состојбите со кои се соочуваат децата и жените во Северна Македонија, вклучувајќи ги тука и децата и жените во ромските населби. Овие истражувања помогнаа нееднаквостите да станат видливи и овозможија креирање понасочени и поефективни политики и програми.
Претставничката на УНИЦЕФ, г-ѓа Лесли Милер, пак, изјави дека секое дете е важно и секое дете треба да биде евидентирано. Таа нагласи дека MICS7 ќе обезбеди ажурирани и кредибилни податоци за следење на напредокот и за дизајнирање насочени интервенции, особено за децата што се изложени на ризик.
Истражувањето ќе се спроведува под водство на ДЗС, со техничка поддршка од УНИЦЕФ, а во согласност со глобалните стандарди за квалитет на податоците, етичките принципи и меѓународната споредливост.
Фото галерија
Поврзани вести и соопштенија
Координативен состанок со Меѓународната организација на трудот
Договорено е да се обнови Меморандумот за соработка и беа дискутирани можните активности за соработка во 2025 година.
02 дек. 2024
Состанок со Институтот на сметководители и овластени сметководители
На 18 ноември 2024 година, директорот на ДЗС, г. Дејан Станков, одржа состанок со г-ѓа Весна Прентоска, претседател на Институтот на сметководители и овластени сметководители
19 ноем. 2024
Средношколци од Гевгелија во посета на Државниот завод за статистика
Во рамките на своите заложби за подигнување на нивото на статистичка писменост помеѓу младите, денес, Државниот завод за статистика беше домаќин на група ученици од Средното општинско училиште „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија
15 ноем. 2024
Потпишан Договор за размена на податоци
Како резултат на долгогодишната успешна соработка, денес, директорите на Државниот завод за статистика, д-р Дејан Станков, и на Управата за јавни приходи, м-р Елена Петрова, потпишаа Договор за размена на податоци меѓу двете институции.
15 ноем. 2024
Продлабочување на соработката со УНИЦЕФ
Директорот на Државниот завод за статистика, г. Дејан Станков оствари средба со претставничката на УНИЦЕФ во нашата земја, г-ѓа Лесли Милер и нејзиниот тим, при што беше запознаен со тековите активности на Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје.
15 ноем. 2024