Државен завод за СТАТИСТИКА

Новости

ДЗС и УНИЦЕФ заедно за зајакнување на податоците за децата и жените во Северна Македонија

MICS 2027: Кредибилни податоци за поефективни политики во справувањето со нееднаквостите и поддршката на семејствата

Државниот завод за статистика (ДЗС) и УНИЦЕФ потпишаа Меморандум за разбирање со кој официјално започнува подготовката за новиот циклус на Мултииндикаторското кластерско истражување (MICS 2027) во Северна Македонија. Ова партнерство го потврдува заедничкото залагање за обезбедување квалитетни, меѓународно споредливи податоци што ќе помогнат во креирањето јавни политики засновани на факти и докази.

Истражувањето MICS е едно од најсеопфатните во светот и обезбедува детални податоци за здравството, исхраната, образованието, раниот детски развој, заштитата на децата, попреченоста, родовата еднаквост и условите за живот. Податоците се расчленети според полот, возраста, местото на живеење и социјалниот статус, што овозможува креаторите на политики да разберат каде постојат нееднаквости и како најдобро да се распределат ресурсите.

Директорот на ДЗС, д-р Дејан Станков, при потпишувањето на овој Меморандум,  истакна дека преку оваа соработка со УНИЦЕФ, ги зајакнуваме националните капацитети за спроведување големи истражувања кај домаќинствата и им обезбедуваме пристап до квалитетни податоци на носителите на одлуки, како и дека MICS 2027 ќе обезбеди важни сознанија за условите за живот на децата и жените и ќе придонесе за јавни политики што се базираат на квалитетни информации.

Повеќе од две децении MICS претставува клучен извор на податоци за состојбите со кои се соочуваат децата и жените во Северна Македонија, вклучувајќи ги тука и децата и жените во ромските населби. Овие истражувања помогнаа нееднаквостите да станат видливи и овозможија креирање понасочени и поефективни политики и програми.

Претставничката на УНИЦЕФ, г-ѓа Лесли Милер, пак, изјави дека секое дете е важно и секое дете треба да биде евидентирано. Таа нагласи дека MICS7 ќе обезбеди ажурирани и кредибилни податоци за следење на напредокот и за дизајнирање насочени интервенции, особено за децата што се изложени на ризик.

Истражувањето ќе се спроведува под водство на ДЗС, со техничка поддршка од УНИЦЕФ, а во согласност со глобалните стандарди за квалитет на податоците, етичките принципи и меѓународната споредливост.

Фото галерија

Поврзани вести и соопштенија

Средба со Амбасадорот на Република Чешка – потенцирана континуираната соработка помеѓу македонскиот и чешкиот статистички систем

Беше истакнато дека ваквите партнерства претставуваат важна основа за развој на современи, ефикасни и доверливи статистички системи што е од суштинско значење за креирање на квалитетни политики и за транспарентно информирање на јавноста

02 дек. 2025

Посета на директорката на Статистика Шведска на Државниот завод за статистика

На 27.11.2025 година, Државниот завод за статистика (Статистика) беше домаќин на директорката на Статистика Шведска, Ева-Ло Игхе, чија посета претставува значаен момент во унапредувањето на долгогодишната соработка помеѓу двете институции

01 дек. 2025

Амбасадорот на Кралството Шведска во посета на Регионалното одделение за статистика во Битола

Во пријатна и конструктивна атмосфера, во Регионалното одделение за статистика во Битола се одржа работен состанок помеѓу директорот на Државниот завод за статистика, г. Дејан Станков, и амбасадорот на Кралството Шведска, Н.Е. Ола Сулстром

21 ноем. 2025