Државен завод за СТАТИСТИКА

Новости

Меѓународна конференција за применети економски истражувања на Економскиот факултет при УКИМ

Со новите дигитални решенија и стандарди, статистиката станува клучна алатка за модерно и одговорно управување

На 3.10.2025 година, на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, се одржа меѓународната конференција „Применети економски истражувања: Пат кон оптимални национални стратегии и политики во турбулентни времиња“, еден од најважните академски и професионални настани во областа на економијата во државата и во регионот, во организација на Сојузот на економисти на Македонија.

Во рамките на вториот панел „Економско истражување и економски политики во турбулентни времиња“, како панелист учествуваше и директорот на Државниот завод за статистика, г. Дејан Станков, кој во своето излагање нагласи дека соработката меѓу статистичарите, истражувачите и креаторите на политики е клучна за донесување политики засновани на докази и унапредување на економските резултати.

Г. Станков исто така ги информира учесниците на конференцијата дека Државниот завод за статистика обезбедува висококвалитетни податоци, произведени според меѓународно прифатени стандарди што гарантираат точност, споредливост и доверливост. Во таа насока, тој информира дека Заводот за статистика воведе важни подобрувања во презентацијата и дисеминацијата на податоците - преку нова веб-страница, поедноставен пристап, појасна комуникација и редизајнирани соопштенија.

Главен канал за дисеминација е базата на податоци МАКСТАТ, која нуди обемни податочни сетови и овозможува лесно пребарување, обработка и автоматизиран пристап за аналитички и истражувачки цели.

Дополнително, директорот укажа дека е објавен и преглед на клучните макроекономски показатели - Националната страница со резимирани податоци (NSDP), која е усогласена со Специјалниот стандард за дисеминација на податоци Плус (SDDS Plus), што овозможува подобра споредливост и следење на трендовите.

Во завршна фаза е проектот „AI статистички асистент“, кој има цел да овозможи иновативен пристап до статистичките податоци на Државниот завод за статистика преку употреба на вештачка интелигенција и природен јазик.

Во насока на поддршка на академската и истражувачката заедница, г. Станков истакна и дека е овозможен пристап до анонимизирани микроподатоци, во целосна согласност со стандардите за заштита на лични податоци.

Во однос на собирањето податоци, ДЗС работи на обезбедување модерни, едноставни и ефикасни начини за собирање податоци. ДЗС има интегрирано напредни дигитални алатки и електронски системи за собирање податоци (како што се е-формулари и портали за онлајн поднесување) за да се поедностават и забрзаат процесите на собирање податоци.

Со овие напори, Државниот завод за статистика активно ја зајакнува соработката со академската заедница и креаторите на политики поддржувајќи донесување политики што се засноваат на релевантни и точни податоци.

Фото галерија

Поврзани вести и соопштенија

Отворен нов Центар за обука со поддршка од Шведската статистика

Центарот овозможува современи услови за едукација, соработка и професионален развој во статистиката, достапен е за вработените во Заводот, како и за академската заедница, медиумите и други корисници на статистички податоци

10 апр. 2025

Статистичките фискални податоци за брзи државни одлуки

Државниот завод за статистика (ДЗС) беше домаќин на акад. проф. д-р Абдулменаф Беџети и проф. д-р Марина Трпеска, како претставници на Фискалниот совет на Република Северна Македонија, кои беа примени од страна на д-р Дејан Станков, директор на ДЗС, на 27.03.2025 г

28 мар. 2025