Државен завод за СТАТИСТИКА

Новости

Успешно одржан настанот за твининг-проектот финансиран од Европската Унија: „Подобрување на квалитетот и опфатот на статистиките за животна средина и здравствените статистики“

Една година од твининг-проектот: размена на искуства и постигнувања во унапредувањето на статистиката

На 18.09.2025 година, успешно беше завршена конференцијата во рамките на твининг-проектот финансиран од Европската Унија: „Подобрување на квалитетот и опфатот на статистиките за животна средина и здравствените статистики“ (MK 22 IPA ST 01 24), организирана една година по неговото започнување.

Настанот го отворија високите претставници: Н.Е. Паоло Палминтери, амбасадор на Република Италија во Северна Македонија, г. Штефен Худолин, раководител на Секторот за соработка при Делегацијата на ЕУ и г. Дејан Станков, директор на Државниот завод за статистика.
Во рамките на панел-дискусијата „Модернизација на официјалната статистика за европска интеграција“, модерирана од проф. Марјан Петрески, беа разменети искуства и перспективи за унапредување на статистиката во согласност со стандардите на ЕУ.

Покрај директорот на Државниот завод за статистика, панелисти беа и експерти од националните статистички институти на Италија (Istat), Словенија (SURS), Албанија (INSTAT) и Италијанското географско друштво (SGI).

Вториот дел од програмата беше посветен на постигнувањата на самиот твининг-проект, претставени од тимот на Државниот завод за статистика и партнерите од Istat. Досега се реализирани 17 од вкупно 60 мисии, а планирани се и 4 студиски посети. Особено внимание беше посветено на одржливоста и долгорочната корист од проектот.

Проектот има за цел да придонесе за унапредување на капацитетите за собирање, анализа и дистрибуција на статистички податоци од областа на животната средина, земјоделството и здравството, како клучни области за усогласување со европските статистички регулативи и за квалитетната јавна политика.

Настанот ја потврди важноста на меѓународната соработка и размената на добри практики како основа за изградба на силен, ефикасен и транспарентен статистички систем, подготвен да одговори на потребите на процесот на евроинтеграција.

Фото галерија

Поврзани вести и соопштенија

Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Државниот завод за статистика и Факултетот за безбедност – Скопје

Директорот и вработени од Државниот завод за статистика се претставија пред присутните студенти со свои презентации поврзани со положбата и улогата на Заводот во општеството, значењето на официјалната статистика, националниот статистички систем и статистиките на криминалот

25 апр. 2025