Државен завод за СТАТИСТИКА

Новости

35 години независна Македонија – приказна раскажана низ бројки

По повод 35 години од независноста, Државниот завод за статистика ја подготви публикацијата „35 години независна Македонија“, која преку внимателно избрани статистички показатели ги прикажува развојот и промените во земјата во изминатите три и пол децении

Триесет и пет години независност се повеќе од јубилеј. Тие се приказна за една држава, за нејзините луѓе, за промените низ кои поминувало општеството и за патот што сме го изоделе заедно.

А токму бројките се едни од најверните сведоци на тој пат.

Преку податоци за населението, образованието, пазарот на трудот, економијата, земјоделството, индустријата, животната средина, туризмот, информатичкото општество и многу други области, публикацијата создава статистички портрет на независна Македонија – од првите години на независноста до денес.

Посебен белег на публикацијата е нејзиниот визуелен идентитет, инспириран од македонскиот традиционален вез.

Везот не е избран само како декоративен елемент. Неговите нишки симболично ги поврзуваат минатото и сегашноста, традицијата и современоста, наследството што го носиме и промените што ги создаваме. Како што со внимателно испреплетување безброј нишки се создава една целина, така и од илјадници статистички податоци се создава сликата за едно општество.
Oваа публикација не е само збир на табели, графикони и показатели. Таа е хроника на 35 години независност, раскажана на јазикот на статистиката.

Зад секој податок стои дел од нашиот секојдневен живот. Зад секоја статистика стојат луѓе.
35 години. Илјадници бројки. Една приказна.

Нека ни е честит јубилејот – 35 години независна Македонија!

 

Поврзани вести и соопштенија

Едукативна поддршка од Државниот завод за статистика за нашите олимпијци на претстојната Меѓународна економска олимпијада

Со анализа на клучните економски индикатори во презентација, ДЗС даде придонес во подготовката на учениците за Меѓународната економска олимпијада

08 јул. 2025

Република Северна Македонија станува член на групата на високо ниво за партнерство, координација и градење капацитети за статистика за агендата за одржлив развој 2030 на ОН

Доц. д-р Дејан Станков, директор на Државниот завод за статистика на Република Северна Македонија, е назначен за член на HLG-PCCB на ОН од јуни 2025 година

30 јун. 2025