ДЗС и УНИЦЕФ заедно за зајакнување на податоците за децата и жените во Северна Македонија
MICS 2027: Кредибилни податоци за поефективни политики во справувањето со нееднаквостите и поддршката на семејствата
Државниот завод за статистика (ДЗС) и УНИЦЕФ потпишаа Меморандум за разбирање со кој официјално започнува подготовката за новиот циклус на Мултииндикаторското кластерско истражување (MICS 2027) во Северна Македонија. Ова партнерство го потврдува заедничкото залагање за обезбедување квалитетни, меѓународно споредливи податоци што ќе помогнат во креирањето јавни политики засновани на факти и докази.
Истражувањето MICS е едно од најсеопфатните во светот и обезбедува детални податоци за здравството, исхраната, образованието, раниот детски развој, заштитата на децата, попреченоста, родовата еднаквост и условите за живот. Податоците се расчленети според полот, возраста, местото на живеење и социјалниот статус, што овозможува креаторите на политики да разберат каде постојат нееднаквости и како најдобро да се распределат ресурсите.
Директорот на ДЗС, д-р Дејан Станков, при потпишувањето на овој Меморандум, истакна дека преку оваа соработка со УНИЦЕФ, ги зајакнуваме националните капацитети за спроведување големи истражувања кај домаќинствата и им обезбедуваме пристап до квалитетни податоци на носителите на одлуки, како и дека MICS 2027 ќе обезбеди важни сознанија за условите за живот на децата и жените и ќе придонесе за јавни политики што се базираат на квалитетни информации.
Повеќе од две децении MICS претставува клучен извор на податоци за состојбите со кои се соочуваат децата и жените во Северна Македонија, вклучувајќи ги тука и децата и жените во ромските населби. Овие истражувања помогнаа нееднаквостите да станат видливи и овозможија креирање понасочени и поефективни политики и програми.
Претставничката на УНИЦЕФ, г-ѓа Лесли Милер, пак, изјави дека секое дете е важно и секое дете треба да биде евидентирано. Таа нагласи дека MICS7 ќе обезбеди ажурирани и кредибилни податоци за следење на напредокот и за дизајнирање насочени интервенции, особено за децата што се изложени на ризик.
Истражувањето ќе се спроведува под водство на ДЗС, со техничка поддршка од УНИЦЕФ, а во согласност со глобалните стандарди за квалитет на податоците, етичките принципи и меѓународната споредливост.
Фото галерија
Поврзани вести и соопштенија
Европскиот ден на статистиката го одбележавме заедно со студентите
Оваа година, кога се одбележува десетгодишнината од Европскиот ден на статистиката, посебен акцент беше ставен на приближувањето на статистиката до студентите и на зајакнувањето на соработката со академската заедница.
20 окт. 2026
Продолжува успешната соработка меѓу Државниот завод за статистика и Чешкиот завод за статистика
Размена на искуства и добри практики, унапредување на статистичките методологии и отворање нови можности за билатерална соработка.
08 окт. 2026
Одржана обука за Партнерското оценување за овластените носители во Националниот статистички систем
Партнерското оценување е дел од стратегиските активности на Евростат со кои се оценува усогласеноста на Националниот статистички систем со Кодексот за работа на европската статистика.
02 окт. 2026
Директорот на ДЗС на меѓународна конференција за геопросторни информации во Кишинев, Молдавија
Презентирани искуствата и новите решенија на ДЗС за унапредување на производството и дисеминацијата на статистичките податоци
29 септ. 2026
Државниот завод за статистика учествуваше на состанок на Групата за статистичка соработка во Кишинев
Разгледани приоритетите за усогласување со ЕУ и идната статистичка соработка
25 септ. 2026