Државен завод за СТАТИСТИКА

Новости

Свечена академија „80 години Државен завод за статистика“

Од рачно собрани податоци до современи дигитални платформи, од статистички годишници во хартиена форма до отворени бази на податоци достапни за сите граѓани – патот што го изоде официјалната статистика е навистина импресивен

Во рамките на одбележувањето на големиот јубилеј – 80 години од основањето на Државниот завод за статистика, на 2 јуни 2025 година се одржаа повеќе важни настани во хотелот „Hilton Doubletree“ во Скопје.

На Свечената академија по повод 80 години од основањето на Државниот завод за статистика присуствуваа високи претставници од Владата, меѓу кои премиерот 
г. Христијан Мицкоски, министерката за финансии г-ѓа Гордана Димитриеска-Кочоска, гувернерот на Народната банка, г. Трајко Славески, како и претставници на меѓународни организации како Европската Унија и Обединетите нации. 

Настанот беше збогатен и со присуство на директори и претставници на статистички заводи од Европа, меѓу кои на Словенија, Бугарија, Чешка, Унгарија, Црна Гора, Албанија, Косово, Полска, Босна и Херцеговина итн., како и на членови на Советот за статистика, академската заедница, соработници и други партнери на Заводот. 

Пред почетокот на Свечената академија, директорот на Државниот завод за статистика, г. Дејан Станков и премиерот на Владата на Република Северна Македонија, г. Христијан Мицкоски дадоа изјави за медиумите по повод јубилејот, по што следеа нивните поздравни обраќања, како и обраќањата на раководителката на Одделот за  управување од името на Делегацијата на Европската унија, г-ѓа Марија Канелопулу и на постојаната координаторка на Обединетите нации во Република Северна Македонија, г-ѓа Рита Колумбија. 

Во своето поздравно обраќање, г. Станков нагласи: „ Во изминатите осум децении, официјалната статистика не беше само алатка на државната администрација – таа стана сведоштво на нашата историја, на економскиот раст, на демографските промени, на социјалните текови и на секој обид да изградиме подобро утре. Од рачно собрани податоци до современи дигитални платформи, од статистички годишници во хартиена форма до отворени бази на податоци достапни за сите граѓани – патот што го изоде официјалната статистика е навистина импресивен.“

Премиерот, г. Христијан Мицкоски, пак, во своето поздравно обраќање наведе: „Официјалната статистика е клучна за развојот на државата и демократските процеси. Таа не само што нуди бројки, туку претставува компас кој ни помага да ја разбереме реалноста и да ги донесеме вистинските одлуки за иднината. Затоа, им посакувам на Државниот завод за статистика уште многу години на успех, со постојана посветеност кон точноста, транспарентноста и иновациите, кои се основа за градење доверба и одржлив развој на нашата земја.“

Главниот дел од програмата се одвиваше во две панел-дискусии со повеќе учесници. На првиот панел модератор беше г-ѓа Аполонија Облак-Фландер, директорка на Словенечкиот статистички завод, а се фокусираше на усогласувањето на официјалната статистика со европските регулативи и методологии, како и на предизвиците и можностите за постигнување конзистентност и споредливост во статистичките податоци на европско ниво. Во оваа панел-дискусија учествуваа директорите и претставниците на статистичките заводи од Бугарија, Чешка, Црна Гора, Албанија и Косово.
Вториот панел, кој го модерираше претседателот на Чешкиот статистички завод, г. Марек Ројичек, се осврна на иднината на официјалната статистика и улогата на дигиталната трансформација во развојот на статистичките системи. Во дискусијата учествуваа генералниот директор на ДЗС, г. Станков и претставниците од Полска, Босна и Херцеговина и Унгарија.

Настанот заврши со заеднички заклучоци и официјално затворање, по што следеше свечен ручек.
Сакаме да нагласиме дека одбележувањето на јубилејот „80 години Државен завод за статистика“ се реализира со несебичната поддршка и партнерство на Телото на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените – UN Women, за што изразуваме особена благодарност.

Овие активности ја потврдуваат важната улога на Државниот завод за статистика како централна институција во собирањето, обработката и дистрибуцијата на релевантни и веродостојни податоци, како и посветеноста на Заводот во интеграцијата во Европската Унија и унапредувањето на работата според највисоките европски и светски стандарди.

Фото галерија

Поврзани вести и соопштенија

Средба со Амбасадорот на Република Чешка – потенцирана континуираната соработка помеѓу македонскиот и чешкиот статистички систем

Беше истакнато дека ваквите партнерства претставуваат важна основа за развој на современи, ефикасни и доверливи статистички системи што е од суштинско значење за креирање на квалитетни политики и за транспарентно информирање на јавноста

02 дек. 2025

Посета на директорката на Статистика Шведска на Државниот завод за статистика

На 27.11.2025 година, Државниот завод за статистика (Статистика) беше домаќин на директорката на Статистика Шведска, Ева-Ло Игхе, чија посета претставува значаен момент во унапредувањето на долгогодишната соработка помеѓу двете институции

01 дек. 2025

Амбасадорот на Кралството Шведска во посета на Регионалното одделение за статистика во Битола

Во пријатна и конструктивна атмосфера, во Регионалното одделение за статистика во Битола се одржа работен состанок помеѓу директорот на Државниот завод за статистика, г. Дејан Станков, и амбасадорот на Кралството Шведска, Н.Е. Ола Сулстром

21 ноем. 2025