Ревизија на податоци
Кога се ревидира статистички податок, веќе објавената вредност се менува. Ова може да се случи од различни причини: достапни нови и посигурни извори, поради промени во методите, класификациите и дефинициите или поради корекција на грешки. Ревизиите обично се планирани и корисниците се известуваат однапред
Статистичките податоци, генерално, се ревидираат за да се вклучат нови и подобрени изворни информации. Ревизијата на објавените податоци е суштински дел од производството на висококвалитетни статистики.
Ревизијата на податоците е нормален процес во производството на европската статистика за подобрување на нивниот квалитет. Ревизиите следат стандардни, добро воспоставени и транспарентни процедури.
Примената на Политиката за ревизија во различни статистички области е важен аспект на „праксата на добро управување“ во државната статистика и нејзината важност е подеднаква како на национално, така и на меѓународно ниво.
Ревизијата е составен дел од редовната статистичка продукција, која придонесува кон подобрување на квалитетот на продуцираните статистички податоци, како и на нивната точност.
Имајќи предвид дека мисијата на Државниот завод за статистика е продукција на квалитетни и споредливи статистички податоци, со Политиката за ревизија се утврдува еден важен инструмент за подобрување на квалитетот на статистичките податоци.
Основна цел на Политиката за ревизија е да се постигне поголема транспарентност на целата постапка за ревизија на статистичките податоци, а со тоа ќе се зголеми довербата во официјалната статистика и корисноста на статистичките податоци.
- Линк до преработениот документ за Ревизија
- Принципи на заедничката политика за ревизија на европската статистика
- Календар на редовни ревизии
Големи ревизии
Големите ревизии се суштински промени на публикуваните податоци, поради различни причини: промена на изворите, ажурирање на пондерите итн. Затоа е потребно да се направи враќање на серијата, бидејќи во спротивно ќе има нејзин прекин.
Причините поради кои се прават големи ревизии се следните:
- Расположливост на нов структурен извор на податоци што се прибира во подолг интервал (на пр., на 5 или 10 години), како што се пописите и други големи статистички истражувања.
- Ажурирање на пондерите на базната година во сериите со индекси, вообичаено на секои 5 години.
- Промена во концептите, дефинициите и класификациите што се користат за продукција на статистички податоци.
- Стапување во сила на нов законски акт.
Вообичаено, со овие ревизии се прават поголеми методолошки промени кај статистичкото истражување. Големите ревизии се очекувани и однапред планирани. Корисниците се однапред информирани за претстојните големи ревизии и се најавува промената на временската серија.
Голема (бенчмарк) ревизија на националните сметки
Државниот завод за статистика на Република Северна Македонија во 2026 година ќе спроведе голема (бенчмарк) ревизија на националните сметки. Ова претставува редовна, планирана и координирана ревизија од страна на Евростат (National accounts coordinated 2024 benchmark revision - impact on annual main GDP and employment aggregates - Statistics Explained - Eurostat) која усогласено се спроведува во земјите членки на Европската Унија (ЕУ), земјите-членки на ЕФТА, како и во земјите кандидати за членство во ЕУ, во согласност со Хармонизираната европска политика за ревизии (HERP), со што се обезбедува споредливост на националните сметки на европско ниво. Во рамки на циклусот на бенчмарк ревизија - 2024, во текот на 2024 година голема (бенчмарк) ревизија спроведоа 26 земји членки на ЕУ, а Луксембург ја спроведе истата во 2025 година. Во текот на 2025 година, бенчмарк ревизија спроведоа и ЕФТА земјите - Швајцарија, Норвешка и Исланд.
Главната цел на бенчмарк ревизијата е да се обезбеди повисок квалитет, подобра споредливост и целосна усогласеност на националните сметки со најновите европски и меѓународни статистички стандарди. Со ревизијата се обезбедуваат квалитетни, прецизни и меѓународно споредливи макроекономски показатели, кои ќе претставуваат посигурна основа за економски анализи, креирање политики и научни истражувања.
Главни цели на ревизијата
- имплементација на методолошки подобрувања и нови методи за пресметка на одделни категории во согласност со меѓународните стандарди;
- подобрување на статистичките и административните извори на податоци;
- воведување нови класификации и номенклатури;
- корекција на утврдени недостатоци и подобрување на конзистентноста на податоците.
Големите бенчмарк ревизии претставуваат редовен и неопходен дел од развојот на системот на националните сметки. Со нив се обезбедува подобрување на квалитетот на статистичките пресметки преку примена на нови методологии, подобри извори на податоци и искуства стекнати во текот на претходниот период. Ревизиите придонесуваат за поголема сеопфатност, прецизност, точност и внатрешна конзистентност на сите потсистеми на националните сметки.
Истовремено, бенчмарк ревизијата обезбедува повисок степен на усогласеност на националните сметки со податоците и статистиките што ги произведуваат овластените носители во националниот статистички систем.
Претходната бенчмарк ревизија на националните сметки во Државниот завод за статистика беше спроведена во 2014 година.
Бенчмарк ревизијата во 2026 година претставува и значаен инструмент за понатамошно усогласување на статистичкиот систем на Република Северна Македонија со Европскиот систем на национални и регионални сметки (ESA 2010). Истата претставува уште еден важен чекор во процесот на усогласување со европските регулативи и статистички стандарди во областа на националните сметки.
Што ќе опфати ревизијата во 2026 година?
Во рамките на бенчмарк ревизијата ќе бидат имплементирани:
- методолошките подобрувања развиени по 2014 година, како резултат на бројните меѓународни проекти како и експертската поддршка од Европската Унија и Евростат во областа на макроекономската статистика и националните сметки;
- подобрувања во користењето на статистичките и административните извори на податоци;
- воведување на новата верзија на Класификацијата на индивидуалната потрошувачка според намената (COICOP 2018);
- ревизија на националните сметки врз основа на резултатите од Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година.
Бенчмарк ревизијата ќе биде предмет на верификација од страна на Евростат.
Период на ревизија и објавување на податоците
Главна (бенчмарк) година на ревизијата е 2022 година.
Со ревизијата ќе бидат опфатени податоците за периодот 2018–2023 година.
Ревидираните податоци ќе бидат објавени на 30 септември 2026 година.
Државниот завод за статистика редовно ќе ги информира корисниците за текот на бенчмарк ревизијата, за нејзините резултати и за сите значајни прашања поврзани со процесот на ревизија.
Информација до корисниците на податоците за процени на населението
Државниот завод за статистика изврши враќање на серијата на процени на населението во периодот помеѓу Пописот 2002 и Пописот 2021. Оваа активност на враќање на серијата на податоци за населението е вообичаена светска пракса после секој спроведен попис. Кога ги користите податоците за процени на населението, од исклучителна важност е да ги имате предвид следниве информации со цел да ги искористите најрелевантните расположливи податоци од нашата веб-страница.
1. Методолошки информации
1. Сетот на податоци во фолдерот Процени на населението според Пописот 2002 (архивирани податоци), за периодот 31 декември 2002 до 31 декември 2020 година е пресметан врз основа на податоците од Пописот 2002 година, земајќи го предвид бројот на родените, умрените, доселените и отселените лица според општината каде што живееле лицата и годината кога се случил настанот. Сите овие податоци се добиени од административни извори.
2. За разлика од административните податоци, пописите се спроведуваат на терен и поради тоа е очекувано да се појават одредени разлики во бројот на населението и неговата распространетост низ општините помеѓу два пописа.
3. Разликата во бројот на населението помеѓу процените направени според Пописот 2002 и резултатите од Пописот 2021 е резултат на нерегистрираната емиграција.
4. Поради тоа, ДЗС изврши процена на населението со стартна состојба од Пописот 2021, враќајќи ги пресметките наназад до Пописот 2002.
5. Пресметките за враќањето на процените имаат за цел да обезбедат порелевантни податоци за бројноста на населението базирани на поблиската историска состојба. Односно, пресметки врз основа на податоците од Пописот 2021 наспрема податоците од Пописот 2002.
6. Врз основа на расположливите податоци, ДЗС успеа да ги идентификува отселените лица кои не се регистрирани во административните извори, за разлика од оние лица кои не се попишани во Пописот 2021, а кои се вклучени во вкупното население.
7. За жал, ДЗС не успеа да најде релевантни извори на податоци за годината кога се отселиле лицата.
8. Поради овој недостаток, методологијата која е употребена за процена на населението се базира на модифицирана линеарна интерполација во која модификацијата се однесува на интензитетот на миграциите по календарски години, добиен од статистиките на други земји (познати како mirror statistics).
9. Како последица на овие фактори, ДЗС го пресмета бројот на населението во периодот помеѓу двата Пописа само на ниво на државата.
10. Дополнително, ДЗС го пресмета вкупниот број на населението и по статистички региони за периодот 2017 – 2021 година.
2. Насоки за корисниците на податоците при користење на ревидираната серија на податоците за населението
1. Важечки официјални податоци за бројот на населението се податоците пресметани врз основа на Пописот 2021, прикажани во фолдерот Процени на населението според Пописот 2021.
2. Најниско ниво за кое се расположливи овие податоци е статистички регион, но само за периодот од 1 јануари 2017 до 1 јануари 2021 година.
3. Податоците за процените на населението според Пописот 2002 се архивирани историски податоци.
3. Ревизија на податоците од Анкетата за работна сила (2017-2021)
Во согласност со објавените резултати од Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија за 2021 година, Државниот завод за статистика (ДЗС) направи ревизија на податоците од Анкетата за работна сила (АРС) за периодот 2017-2021 година. Оваа ревизија е направена со цел да се обезбеди поголема точност и релевантност на статистичките податоци.
Со користење на најновите серии на податоци од Пописот 2021 година и примена на методот за калибрација со SAS Macro Calmar, податоците се прилагодија според населението по пол, петгодишни возрасни групи и региони. Оваа постапка овозможи да се направат нови пресметки и да се врати серијата на податоци за периодот 2017-2021 година.
Новите пресметки и ревидираните податоци се достапни на нашата веб-страница. Овие податоци се од исклучителна важност за анализа на пазарот на трудот и ги покануваме сите заинтересирани страни да ги прегледаат и да ги искористат за своите анализи и истражувања.
Промена на базна година
Државниот завод за статистика, со цел да ги следи препораките на Евростат, во Регулативата за краткорочни статистики во 2018 година направи промена на базната година за сите краткорочни истражувања од областа на индустријата, цените, градежништвото и трговијата. Нова базна година од јануари 2018 година е 2015. Сите индекси до 2018 година се преработени на новата базна година и се објавени во Макстат базата на ДЗС.
Индексите до 2017 година со базна година 2010 се архивирани и се достапни исто така во Макстат базата во соодветните области.