Државен завод за СТАТИСТИКА

Новости

Директорот на ДЗС на меѓународна конференција за геопросторни информации во Кишинев, Молдавија

Презентирани искуствата и новите решенија на ДЗС за унапредување на производството и дисеминацијата на статистичките податоци

Во рамките на посетата на Кишинев, Молдавија, директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС), д-р Дејан Станков, на 24 септември 2026 година учествуваше на меѓународната конференција од висок формат „Искористување на геопросторните информации за унапредено производство и дисеминација на статистички податоци за поддршка на интеграцијата во ЕУ“, организирана од Националното биро за статистика на Молдавија со поддршка на Евростат.

На Конференцијата учествуваа претставници на Евростат и меѓународни организации националните статистички институции, институции надлежни за геопросторни информации, со цел размена на искуства и добри практики за интегрирање на статистичките и геопросторните информации и нивно користење за модернизација на официјалната статистика.

Главна тема на конференцијата беше интеграцијата на статистичките и просторните податоци како важен фактор за унапредување на производството и дисеминацијата на официјалната статистика. Геопросторните информации ја обезбедуваат важната димензија на статистичките податоци „КАДЕ“, овозможувајќи производство на порелевантни, подетални и просторно збогатени статистички информации и подобрување на нивната достапност и употребливост.

Конференцијата ја отворија г. Олег Кара, генерален директор на Националното биро за статистика на Молдавија и г-ѓа Кристина Герасимов, заменик-претседателка на Владата на Република Молдавија задолжена за европска интеграција. На Конференцијата свое обраќање имаше и директорката на Евростат, г-ѓа Маријана Коцева, која ја истакна сè поголемата важност на геопросторните податоци и можностите што ги нудат современите технолошки достигнувања за нивното интегрирање со статистичките информации.

Во рамките на Конференцијата, д-р Дејан Станков ги претстави искуствата и планираните активности на Државниот завод за статистика, а посебен акцент беше ставен врз развојот на новите современи решенија за дисеминација и олеснувањето на пристапот до официјалните статистички податоци.

Во овој контекст беше презентиран и новиот производ на Државниот завод за статистика – Статистички асистент со вештачка интелигенција, решение базирано на вештачка интелигенција, кое овозможува корисниците да пристапуваат до официјалните статистички податоци од базата МАКСТАТ преку природен јазик, без потреба од познавање на структурата на базата или специфичната статистичка терминологија.

Директорот на Државниот завод за статистика имаше чест да ја модерира сесијата „Предизвици поврзани со достапноста на домувањето – подготовка за Пописот на населението и становите, 2031“, посветена на предизвиците поврзани со достапноста на домувањето и подготовките за Пописот на населението и становите во 2031 година.

Учеството на директорот на ДЗС на оваа Конференција претставува придонес кон размената на искуства и унапредувањето на меѓународната соработка во областа на модернизацијата на официјалната статистика, примената на иновативни технологии и интеграцијата на различни извори на податоци, во насока на подобрување на квалитетот, релевантноста и достапноста на статистичките податоци и поддршка на процесот на европска интеграција.

Фото галерија

Поврзани вести и соопштенија

Европски ден на статистиката – 20 октомври 2024 година

Деветтиот по ред Европски ден на статистиката (20 октомври 2024 година) ќе се одбележи под следното мото избрано од Европскиот статистички советодавен комитет: „Официјалната статистика, прозорец за разбирање на општеството“

18 окт. 2024

Годишна оценска мисија на Евростат

Од 16 до 18 октомври 2024 година се одржа редовната годишна мисија за оценување на работата на Националниот статистички систем, што ја спроведува Статистичкиот завод на Европската Унија - Евростат

18 окт. 2024

Државниот завод за статистика и UN Women потпишаа Меморандум за разбирање за зајакнување на родовата статистика

„Со производството на веродостојни и навремени статистички податоци разделени по пол придонесуваме за креирање на политики, мерки и активности за подобрување на состојбите на полето на родовата еднаквост“

17 окт. 2024

Средба на директорите на Државниот завод за статистика и Централниот регистар

Во насока на продлабочување и интензивирање на соработката, вчера се одржа координативен состанок на директорите на Централниот регистар и Државниот завод за статистика, г-ѓа Анита Стамнова и г. Дејан Станков.

16 окт. 2024