Државен завод за СТАТИСТИКА

Новости

Одбележани две децении од воспоставувањето на Кодексот на европската статистичка практика

Европските статистички институции разменија искуства и добри практики за унапредување на довербата во официјалната статистика

По покана на генералната директорка на Евростат, Мариана Коцева, директорот на Државниот завод за статистика, д-р Дејан Станков, присуствуваше на конференција посветена на 20-годишнината од донесувањето на Кодексот на европската статистичка практика. Настанот, организиран од Евростат, се одржа на 6 и 7 ноември 2025 година во седиштето на Европската комисија – „Берлемон“ во Брисел, Белгија.

На конференцијата учествуваа претставници на националните статистички служби од Европскиот статистички систем, како и експерти од Европската комисија, Европскиот парламент, претседателството на Советот на Европската Унија и други релевантни институции и корисници на официјални статистички податоци.

Настанот претставуваше можност за размена на искуства и согледувања за влијанието на Кодексот врз развојот на европската статистика, како и за постигнувањата во изминатите две децении од неговото воведување.
Во рамките на конференцијата, д-р Станков оствари средби и разговори со претставници на статистички институции од земјите членки на Европската Унија, при што беа споделени искуства поврзани со унапредувањето на професионалната независност и зајакнувањето на довербата во официјалната статистика.

Кодексот на европската статистичка практика се состои од 16 принципи и 84 индикатори, кои ги утврдуваат стандардите за развој, производство и дистрибуција на европската статистика. Принципите ги опфаќаат институционалната рамка, статистичките процеси и резултатите, а сите национални статистички органи што подготвуваат европска статистика се обврзани да ги почитуваат и да ги применуваат овие стандарди.

Фото галерија

Поврзани вести и соопштенија

Извештај на Европската комисија за напредокот на поглавјето 18 Статистика за 2024 година

Годинава е констатиран дополнителен напредок во Извештајот за поглавјето 18 Статистика, каде што високо ниво на усогласеност е забележано во статистичката инфраструктура, додека во секторските статистики се бележи одреден напредок

05 ноем. 2024

Европски ден на статистиката – 20 октомври 2024 година

Деветтиот по ред Европски ден на статистиката (20 октомври 2024 година) ќе се одбележи под следното мото избрано од Европскиот статистички советодавен комитет: „Официјалната статистика, прозорец за разбирање на општеството“

18 окт. 2024

Годишна оценска мисија на Евростат

Од 16 до 18 октомври 2024 година се одржа редовната годишна мисија за оценување на работата на Националниот статистички систем, што ја спроведува Статистичкиот завод на Европската Унија - Евростат

18 окт. 2024