Потпишан договор за размена на податоци со Агенцијата за вработување
Јакнење на статистичкиот систем преку размена на податоци меѓу клучни институции
Државниот завод за статистика, во својство на координатор на Националниот статистички систем, потпиша договор за размена на податоци со Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија.
По тој повод во Државниот завод за статистика беше одржана средба помеѓу претставници на двете институции предводени од директорите г. Дејан Станков и г. Сељатин Бељули. На средбата беа дискутирани активностите што ги преземаат во моментов и предизвиците со кои се соочуваат во секојдневната работа двете институции.
Договорот претставува важен чекор во унапредувањето на институционалната соработка и овозможува поголема и поефикасна употреба на административните податоци за статистички цели. Со размената на податоци што ќе се реализира согласно со договорените обврски, ќе се подобрат квалитетот, навременоста и обемот на официјалната статистика, со што директно се придонесува кон креирање политики засновани на податоци.
Договорот овозможува редовен и сигурен пристап до податоци за невработеноста, слободните работни места, како и до други релевантни податоци за следење на состојбите на пазарот на трудот. Добиените информации ќе бидат искористени исклучиво за статистички цели, во согласност со Законот за државната статистика и меѓународните стандарди за заштита на податоците.
Оваа соработка е во функција на зајакнување на Националниот статистички систем и претставува уште еден важен чекор во насока на зголемување на употребата на постојните административни извори како алтернатива на традиционалните статистички истражувања, со цел ефикасно искористување на ресурсите и намалување на оптовареноста на извештајните единици.
Поврзани вести и соопштенија
Едукативна средба со учениците од втора година при СОЕУ „Јане Сандански“ – Битола
Практично запознавање со официјалната статистика во рамките на наставната програма
30 апр. 2026
ДЗС и УНИЦЕФ заедно за зајакнување на податоците за децата и жените во Северна Македонија
MICS 2027: Кредибилни податоци за поефективни политики во справувањето со нееднаквостите и поддршката на семејствата
09 апр. 2026
Промовирани нови е-услуги за високо образование на Националниот портал е-Услуги
Нови електронски обрасци за побрзо доставување податоци за дипломирани студенти, магистри и доктори на науки
02 апр. 2026
Државниот завод за статистика потпиша нов колективен договор со Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани
Поголеми права и зголемени плати за вработените
31 мар. 2026
Плодна соработка на Државниот завод за статистика со ММФ за развој на официјалната статистика
Разгледани клучни макроекономски индикатори, демографски трендови и активностите во рамки на СДДС плус статистичкиот стандард на ММФ
23 мар. 2026