Светскиот ден на статистиката одбележан со меѓународна научна конференција во Будимпешта
Статистиката и науката – партнери за подобра иднина
По повод одбележувањето на Светскиот ден на статистиката, Унгарскиот централeн завод за статистика (HCSO) организира меѓународна научна конференција на тема „Статистика и наука“, која се одржа на 20 октомври 2025 година во свечената сала на Унгарската академија на науките во Будимпешта. Конференцијата собра еминентни експерти од Унгарија и од странство, кои дискутираа за меѓусебното влијание на статистиката и науката, како и за најновите трендови во истражувањето и креирањето политики базирани на податоци.
Свои поздравни говори на отворањето имаа:
- Ласло Петер Колар, генерален секретар на Унгарската академија на науките
- Арон Кинчеш, претседател на Унгарскиот централeн завод за статистика
- Тина Луиге, директорка на Секторот за статистика при Економската комисија за Европа на Обединетите нации (UNECE).
Директорот на Државниот завод за статистика на Република Северна Македонија, д-р Дејан Станков, учествуваше во првиот дел од конференцијата, при што го претстави значењето на соработката помеѓу статистичките институции и академската заедница. Овој настап ја потврдува заложбата на нашата институција за активно учество во меѓународните статистички иницијативи и за зајакнување на научната димензија на официјалната статистика.
Во првиот дел од конференцијата, своја презентација имаше и проф. Тобијас Томас од Универзитетот во Грац, кој зборуваше за улогата на современата статистичка инфраструктура во унапредувањето на научните истражувања. Барнабаш Вираг, заменик-претседател на Народната банка на Унгарија, го анализираше значењето на статистичките податоци за идните економски политики.
Кон првиот дел се придружи и Етјен Каруана, директор на Заводот за статистика на Малта, кој говореше за предизвиците и можностите поврзани со модернизацијата на статистичките институции.
Државниот завод за статистика изразува искрена благодарност до претседателот на Унгарскиот централeн завод за статистика, г. Арон Кинчеш за одличната организација и гостопримството.
Настанот ја нагласи клучната улога на статистичките методи во современата наука – од моделирање и предиктивна анализа до машинско учење и откривање шеми во податоците. Статистиката претставува суштински елемент за донесување одлуки базирани на информации и за развој на науката, а статистичките институции, како истражувачки и иновативни тела, имаат сѐ поважна улога во овој процес.
Светскиот ден на статистиката се одбележува секои пет години, започнувајќи од 2010 година по иницијатива на Обединетите нации, со цел да се поттикне јавната свест за значењето на квалитетните, навремени и доверливи статистички податоци во разбирањето на општествените и економските процеси.
Фото галерија
Поврзани вести и соопштенија
Интензивна меѓународна соработка на Државниот завод за статистика
Директорот на Државниот завод за статистика учествуваше на 111. Конференција на претседателите на националните статистички институции на Европа, на која беше потпишан и Меморандум за разбирање со Турскиот институт за статистика
30 окт. 2026
Евростат во посета на Државниот завод за статистика
Во периодот од 19 до 21 октомври 2026 година, Државниот завод за статистика беше домаќин на втората годишна мисија на Евростат за 2026 година.
22 окт. 2026
Европскиот ден на статистиката го одбележавме заедно со студентите
Оваа година, кога се одбележува десетгодишнината од Европскиот ден на статистиката, посебен акцент беше ставен на приближувањето на статистиката до студентите и на зајакнувањето на соработката со академската заедница.
20 окт. 2026
Продолжува успешната соработка меѓу Државниот завод за статистика и Чешкиот завод за статистика
Размена на искуства и добри практики, унапредување на статистичките методологии и отворање нови можности за билатерална соработка.
08 окт. 2026
Одржана обука за Партнерското оценување за овластените носители во Националниот статистички систем
Партнерското оценување е дел од стратегиските активности на Евростат со кои се оценува усогласеноста на Националниот статистички систем со Кодексот за работа на европската статистика.
02 окт. 2026