Свечена академија „80 години Државен завод за статистика“
Од рачно собрани податоци до современи дигитални платформи, од статистички годишници во хартиена форма до отворени бази на податоци достапни за сите граѓани – патот што го изоде официјалната статистика е навистина импресивен

Во рамките на одбележувањето на големиот јубилеј – 80 години од основањето на Државниот завод за статистика, на 2 јуни 2025 година се одржаа повеќе важни настани во хотелот „Hilton Doubletree“ во Скопје.
На Свечената академија по повод 80 години од основањето на Државниот завод за статистика присуствуваа високи претставници од Владата, меѓу кои премиерот
г. Христијан Мицкоски, министерката за финансии г-ѓа Гордана Димитриеска-Кочоска, гувернерот на Народната банка, г. Трајко Славески, како и претставници на меѓународни организации како Европската Унија и Обединетите нации.
Настанот беше збогатен и со присуство на директори и претставници на статистички заводи од Европа, меѓу кои на Словенија, Бугарија, Чешка, Унгарија, Црна Гора, Албанија, Косово, Полска, Босна и Херцеговина итн., како и на членови на Советот за статистика, академската заедница, соработници и други партнери на Заводот.
Пред почетокот на Свечената академија, директорот на Државниот завод за статистика, г. Дејан Станков и премиерот на Владата на Република Северна Македонија, г. Христијан Мицкоски дадоа изјави за медиумите по повод јубилејот, по што следеа нивните поздравни обраќања, како и обраќањата на раководителката на Одделот за управување од името на Делегацијата на Европската унија, г-ѓа Марија Канелопулу и на постојаната координаторка на Обединетите нации во Република Северна Македонија, г-ѓа Рита Колумбија.
Во своето поздравно обраќање, г. Станков нагласи: „ Во изминатите осум децении, официјалната статистика не беше само алатка на државната администрација – таа стана сведоштво на нашата историја, на економскиот раст, на демографските промени, на социјалните текови и на секој обид да изградиме подобро утре. Од рачно собрани податоци до современи дигитални платформи, од статистички годишници во хартиена форма до отворени бази на податоци достапни за сите граѓани – патот што го изоде официјалната статистика е навистина импресивен.“
Премиерот, г. Христијан Мицкоски, пак, во своето поздравно обраќање наведе: „Официјалната статистика е клучна за развојот на државата и демократските процеси. Таа не само што нуди бројки, туку претставува компас кој ни помага да ја разбереме реалноста и да ги донесеме вистинските одлуки за иднината. Затоа, им посакувам на Државниот завод за статистика уште многу години на успех, со постојана посветеност кон точноста, транспарентноста и иновациите, кои се основа за градење доверба и одржлив развој на нашата земја.“
Главниот дел од програмата се одвиваше во две панел-дискусии со повеќе учесници. На првиот панел модератор беше г-ѓа Аполонија Облак-Фландер, директорка на Словенечкиот статистички завод, а се фокусираше на усогласувањето на официјалната статистика со европските регулативи и методологии, како и на предизвиците и можностите за постигнување конзистентност и споредливост во статистичките податоци на европско ниво. Во оваа панел-дискусија учествуваа директорите и претставниците на статистичките заводи од Бугарија, Чешка, Црна Гора, Албанија и Косово.
Вториот панел, кој го модерираше претседателот на Чешкиот статистички завод, г. Марек Ројичек, се осврна на иднината на официјалната статистика и улогата на дигиталната трансформација во развојот на статистичките системи. Во дискусијата учествуваа генералниот директор на ДЗС, г. Станков и претставниците од Полска, Босна и Херцеговина и Унгарија.
Настанот заврши со заеднички заклучоци и официјално затворање, по што следеше свечен ручек.
Сакаме да нагласиме дека одбележувањето на јубилејот „80 години Државен завод за статистика“ се реализира со несебичната поддршка и партнерство на Телото на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените – UN Women, за што изразуваме особена благодарност.
Овие активности ја потврдуваат важната улога на Државниот завод за статистика како централна институција во собирањето, обработката и дистрибуцијата на релевантни и веродостојни податоци, како и посветеноста на Заводот во интеграцијата во Европската Унија и унапредувањето на работата според највисоките европски и светски стандарди.
Фото галерија





















Поврзани вести и соопштенија
Посета на студенти од Институтот за социологија при Филозофскиот факултет – Скопје

Овој тип на соработка помеѓу академската заедница и Државниот завод за статистика е од особено значење за унапредување на знаењето и практичните вештини на идните социолози
16 апр. 2025
Отворен нов Центар за обука со поддршка од Шведската статистика

Центарот овозможува современи услови за едукација, соработка и професионален развој во статистиката, достапен е за вработените во Заводот, како и за академската заедница, медиумите и други корисници на статистички податоци
10 апр. 2025
Од статистички податоци до ефективни политики

Податоците треба да бидат основа за креирање политики базирани на докази за да се постигне поинклузивен и правичен развој.
01 апр. 2025
Статистичките фискални податоци за брзи државни одлуки

Државниот завод за статистика (ДЗС) беше домаќин на акад. проф. д-р Абдулменаф Беџети и проф. д-р Марина Трпеска, како претставници на Фискалниот совет на Република Северна Македонија, кои беа примени од страна на д-р Дејан Станков, директор на ДЗС, на 27.03.2025 г
28 мар. 2025
Посета на ученици од Средното економско училиште „Јане Сандански“ – Битола

Оваа посета е во рамките на активностите на Заводот за подобрување на статистичката писменост помеѓу учениците
27 мар. 2025