Свечена академија „80 години Државен завод за статистика“
Од рачно собрани податоци до современи дигитални платформи, од статистички годишници во хартиена форма до отворени бази на податоци достапни за сите граѓани – патот што го изоде официјалната статистика е навистина импресивен

Во рамките на одбележувањето на големиот јубилеј – 80 години од основањето на Државниот завод за статистика, на 2 јуни 2025 година се одржаа повеќе важни настани во хотелот „Hilton Doubletree“ во Скопје.
На Свечената академија по повод 80 години од основањето на Државниот завод за статистика присуствуваа високи претставници од Владата, меѓу кои премиерот
г. Христијан Мицкоски, министерката за финансии г-ѓа Гордана Димитриеска-Кочоска, гувернерот на Народната банка, г. Трајко Славески, како и претставници на меѓународни организации како Европската Унија и Обединетите нации.
Настанот беше збогатен и со присуство на директори и претставници на статистички заводи од Европа, меѓу кои на Словенија, Бугарија, Чешка, Унгарија, Црна Гора, Албанија, Косово, Полска, Босна и Херцеговина итн., како и на членови на Советот за статистика, академската заедница, соработници и други партнери на Заводот.
Пред почетокот на Свечената академија, директорот на Државниот завод за статистика, г. Дејан Станков и премиерот на Владата на Република Северна Македонија, г. Христијан Мицкоски дадоа изјави за медиумите по повод јубилејот, по што следеа нивните поздравни обраќања, како и обраќањата на раководителката на Одделот за управување од името на Делегацијата на Европската унија, г-ѓа Марија Канелопулу и на постојаната координаторка на Обединетите нации во Република Северна Македонија, г-ѓа Рита Колумбија.
Во своето поздравно обраќање, г. Станков нагласи: „ Во изминатите осум децении, официјалната статистика не беше само алатка на државната администрација – таа стана сведоштво на нашата историја, на економскиот раст, на демографските промени, на социјалните текови и на секој обид да изградиме подобро утре. Од рачно собрани податоци до современи дигитални платформи, од статистички годишници во хартиена форма до отворени бази на податоци достапни за сите граѓани – патот што го изоде официјалната статистика е навистина импресивен.“
Премиерот, г. Христијан Мицкоски, пак, во своето поздравно обраќање наведе: „Официјалната статистика е клучна за развојот на државата и демократските процеси. Таа не само што нуди бројки, туку претставува компас кој ни помага да ја разбереме реалноста и да ги донесеме вистинските одлуки за иднината. Затоа, им посакувам на Државниот завод за статистика уште многу години на успех, со постојана посветеност кон точноста, транспарентноста и иновациите, кои се основа за градење доверба и одржлив развој на нашата земја.“
Главниот дел од програмата се одвиваше во две панел-дискусии со повеќе учесници. На првиот панел модератор беше г-ѓа Аполонија Облак-Фландер, директорка на Словенечкиот статистички завод, а се фокусираше на усогласувањето на официјалната статистика со европските регулативи и методологии, како и на предизвиците и можностите за постигнување конзистентност и споредливост во статистичките податоци на европско ниво. Во оваа панел-дискусија учествуваа директорите и претставниците на статистичките заводи од Бугарија, Чешка, Црна Гора, Албанија и Косово.
Вториот панел, кој го модерираше претседателот на Чешкиот статистички завод, г. Марек Ројичек, се осврна на иднината на официјалната статистика и улогата на дигиталната трансформација во развојот на статистичките системи. Во дискусијата учествуваа генералниот директор на ДЗС, г. Станков и претставниците од Полска, Босна и Херцеговина и Унгарија.
Настанот заврши со заеднички заклучоци и официјално затворање, по што следеше свечен ручек.
Сакаме да нагласиме дека одбележувањето на јубилејот „80 години Државен завод за статистика“ се реализира со несебичната поддршка и партнерство на Телото на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените – UN Women, за што изразуваме особена благодарност.
Овие активности ја потврдуваат важната улога на Државниот завод за статистика како централна институција во собирањето, обработката и дистрибуцијата на релевантни и веродостојни податоци, како и посветеноста на Заводот во интеграцијата во Европската Унија и унапредувањето на работата според највисоките европски и светски стандарди.
Фото галерија





















Поврзани вести и соопштенија
Состанок со Факултетот за безбедност за утврдување на можностите за идна соработка

Директорот на Заводот, д-р Дејан Станков, ја изрази подготвеноста на Заводот за соработка со Факултетот за безбедност, особено што еден од приоритетите на Заводот е унапредување и зголемување на обемот на соработката со академската заедница
14 фев. 2025
Прв состанок на Управниот комитет на твининг-проектот „Подобрување на квалитетот и опфатот на статистиките за животната средина и здравствените статистики“

Проектот е финансиран од Европската Унија (ЕУ) и е заеднички имплементиран од страна на ДЗС и Италијанскиот национален институт за статистика (Istat), во партнерство со Конзорциумот за информациски системи (Consorzio per il Sistema Informativo – CSI Piemonte), Агенцијата за енергетски услуги (Gestore Servizi Energetici – GSE) и Италијанското географско друштво (Società Geografica Italiana – SGI)
06 фев. 2025
Билатерална посета и продлабочување на партнерството со Шведската статистика

Билатералната долгогодишна и ефективна соработка помеѓу двете институции, поддржана од Шведската агенција за меѓународна соработка и развој (SIDA), има долгогодишна историја и се развиваше низ пет клучни фази.
24 јан. 2025
Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Државниот завод за статистика и Комората на сметководители

Меморандумот ќе овозможи подобра координација помеѓу двете институции, организирање на заеднички настани со акцент на усогласувањето на статистичките и сметководствени прописи и стандарди, како и на поддршката во процесот на квалитетно финансиското известување, со цел добивање точни, прецизни и сеопфатни податоци што се предмет на статистичка анализа.
17 јан. 2025
Државниот завод за статистика и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини потпишаа Меморандум за соработка

Двете институции ќе соработуваат во согласност со законските рамки и заеднички утврдените потреби, преку одржување на заеднички состаноци, присуство на конференции и учество на обуки и курсеви, организирани од едната или другата страна.
15 јан. 2025