Државен завод за СТАТИСТИКА

Новости

81 година Државен завод за статистика: Во чекор со европските стандарди и вредности

Одржана конференцијата „Македонската официјална статистика низ призмата на Кодексот за работа на европската статистика“

По повод 81 година од постоењето на Државниот завод за статистика, на 01.06.2026 година, во хотелот „Мериот“ во Скопје се одржа конференцијата „Македонската официјална статистика низ призмата на Кодексот за работа на европската статистика“, на која учествуваа претставници на државни институции, меѓународни организации, академската заедница, граѓанскиот сектор и корисници на статистички податоци.

Конференцијата беше посветена на улогата на официјалната статистика во современото општество, како и на значењето на Кодексот за работа на европската статистика како основа за обезбедување професионална независност, непристрасност, квалитет и доверливост на статистичките податоци.
Настанот го отвори директорот на Државниот завод за статистика, Дејан Станков, кој во своето обраќање истакна дека официјалната статистика претставува јавна вредност и неопходна поддршка за носење одлуки засновани на факти, знаење и доверливи податоци.

Во рамките на конференцијата беа презентирани принципите и значењето на Кодексот за работа на европската статистика, како и искуствата и придобивките од процесот на партнерско оценување на националниот статистички систем.

Особено внимание привлече панел-дискусијата на тема „Важноста на усогласеноста на официјалната статистика со меѓународните стандарди“, на која учествуваа директорот на Државниот завод за статистика, Дејан Станков, претставничката на УНИЦЕФ во државава, г-ѓа Лесли Милер, од Фискалниот совет претставник беше г-ѓа Марина Трпеска, потоа г. Александар Кржаловски, директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), како и г. Ларс Јохан Содерсберг, консултант од Статистика Шведска во Заводот за статистика. Учесниците разменија мислења за улогата на официјалната статистика во креирањето јавни политики, значењето на професионалната независност на статистичките институции и придонесот на квалитетните податоци во зајакнувањето на довербата на јавноста.

На конференцијата беше нагласено дека усогласувањето со европските и меѓународните стандарди е континуиран процес што придонесува за унапредување на квалитетот на статистичкото производство, зајакнување на институционалниот интегритет и понатамошниот развој на Националниот статистички систем.

Одбележувајќи 81 година од своето постоење, Државниот завод за статистика останува посветен на својата мисија – обезбедување навремени, квалитетни и доверливи статистички податоци, во согласност со европските принципи и стандарди, во служба на граѓаните, институциите и општеството во целина.

Фото галерија

Поврзани вести и соопштенија

Трета регионална конференција на сметководители и овластени сметководители „Генерација со визија – Професија со иднина“

Директорот на Државниот завод за статистика, г. Дејан Станков, учествуваше на Третата регионална конференција на сметководители и овластени сметководители „Генерација со визија – Професија со иднина“, организирана од Институтот на сметководители и овластени сметководители

07 мај 2026