Новости

Статистичка конфренција „25 години родови статистики"

Конференцијата се одржа во рамките на одбележувањето на јубилејот 80 години од основањето на Државниот завод за статистика, со што се нагласи континуираниот придонес на институцијата за развојот на официјалната статистика

По повод 25 години од воспоставувањето на родовите статистики во Република Северна Македонија, а во рамките на одбележувањето на јубилејот „80 години Државен завод за статистика“,  Телото на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените – UN Women, во соработка со Државниот завод за статистика, организира статистичка конференција „25 години родови статистики“, во хотелот „Hilton Doubletree“ во Скопје, на која се дискутираше за значењето на родовите податоци во креирањето политики засновани на докази, како и за идните чекори за унапредување на оваа важна област.

Особена чест за нас е што на конференцијата свое поздравно обраќање имаше и Претседателката на Република Северна Македонија, г-ѓа Гордана Сиљановска-Давкова, при што таа истакна дека родовата статистика е клучна за праведни политики, а освен тоа прибирањето и користењето на родовите податоци е суштинско за разбирање на потребите и потенцијалот на жените и мажите, како и за креирање политики кои ја елиминираат дискриминацијата и промовираат еднаквост. Претседателката исто така посочи дека е потребна поголема храброст, енергија и соработка меѓу институциите за системско собирање и користење на родовите податоци, особено за маргинализираните групи и чувствителните теми.

Присутните гости ги поздрави и директорот на Државниот завод за статистика, г. Дејан Станков, кој нагласи дека родовите статистики се основа за информирано креирање политики и следење на еднаквоста. Тој наведе дека во изминатите 25 години е воспоставен систем на полово дезагрегирани податоци што овозможуваат подобро разбирање на социјалните и економските разлики меѓу мажите и жените, а овие податоци се користат за креирање ефективни политики, мерење на нивната ефикасност и зајакнување на свеста кај носителите на одлуки за важноста на родовата еднаквост.

Поздравни обраќања имаа и г-ѓа Весна Ивановиќ-Кастаред, раководителка на Канцеларијата на UN Women во Северна Македонија, како и Ами Ларсон Џеин, амбасадор на Кралството Шведска во нашата држава. Државниот завод за статистика им изразува особена благодарност на Канцеларијата на UN Women и на Шведскиот завод за статистика за соработката при продукцијата на родово разделени податоци.

Централен настан на конференцијата, на која присуствуваа повеќе носители на политики, специјалисти за статистика, претставници на граѓанското општество, академската заедница и други релевантни фактори, беше промоцијата на најновото издание на публикацијата „Жените и мажите во Северна Македонија, 2025“, која претставува сеопфатен извор на информации на важни податоци и анализи за родовите разлики во областа на трудот, образованието, здравствената заштита и учеството во раководни позиции.

Конференцијата продолжи со две панел-дискусии, при што на првиот панел „Родови податоци за политики и донесување одлуки засновани на податоци“ панелист(к)и беа г-ѓа Мира Тодорова, помошник-раководител во Државниот завод за статистика, г-ѓа Габриела Маџоска, раководителка на Одделението за родово одговорни политики и родово одговорно буџетирање при Министерството за социјална политика, демографија и млади, Клаудија Виланте, виша истражувачка во ISTAT, Италијанскиот национален завод за статистика и националната експертка во Европскиот институт за родова еднаквост (EIGE), г-ѓа Неслихан Ончул, раководителка на Одделението за витална, социјална структура и родова статистика, Оддел за демографски статистики при Турскиот статистички институт, а модераторка беше г-ѓа Весна Ивановиќ-Кастаред.

На вториот панел модератор беше г. Димитар Димитровски, координатор за комуникации и знаење при UN Women Северна Македонија, а панелисти беа г-ѓа Ала Негрута, регионална специјалистка за родова статистика, UN Women за Европа и Централна Азија, г-ѓа Мај Ериксон Готе, виша советничка, Проект за соработка на ДЗС/SCB, Меѓународна развојна соработка, Статистика Шведска, г. Фатос Груби, активист за родови прашања, од мрежата „Стела“, претставник од Буткампот за родови податоци, г. Стефан Таневски, асистент по финансии и економија, Факултет за бизнис на Универзитетот Американ Колеџ – Скопје, претставник од Буткампот за родови податоци.

Конференцијата „25 години родови статистики“ беше исклучително важен момент за сите оние што работат на унапредување на родовата еднаквост преку податоци и факти. Низ инспиративни говори, стручни дискусии и размена на добри практики, уште еднаш се потврди колку се важни родово разделените податоци за креирање поправедни и поинклузивни политики.

Јубилејот не беше само повод за одбележување, туку и поттик за идни вложувања во статистиката како алатка за општествени промени. Државниот завод за статистика останува посветен на развојот на родовите статистики, со силна поддршка од партнерите и соработниците, во насока на создавање еднакво општество за сите.

Фото галерија

Поврзани вести и соопштенија

Статистичка конфренција „25 години родови статистики"

Конференцијата се одржа во рамките на одбележувањето на јубилејот 80 години од основањето на Државниот завод за статистика, со што се нагласи континуираниот придонес на институцијата за развојот на официјалната статистика

04 јун. 2025

Свечена академија „80 години Државен завод за статистика“

Од рачно собрани податоци до современи дигитални платформи, од статистички годишници во хартиена форма до отворени бази на податоци достапни за сите граѓани – патот што го изоде официјалната статистика е навистина импресивен

03 јун. 2025