Државен завод за СТАТИСТИКА

Новости

Делегација на Државниот завод за статистика учествуваше на 57. сесија на Статистичката комисија на ООН во Њујорк

Состанокот ги обедини директорите на статистичките институции од 193 земји за дискусија за клучните предизвици и идните насоки на глобалниот статистички систем

Делегација на Државниот завод за статистика предводена од директорот, д-р Дејан Станков, учествуваше на 57. сесија на Статистичката комисија на ООН, која се одржа во периодот од 3 до 6 март во седиштето на ООН во Њујорк, САД. Ова е највисокиот орган во меѓународниот статистички систем, кој ги разгледува и одобрува глобалните статистички стандарди и традиционално ги собира директорите на статистичките институции од сите 193 земји членки на Организацијата.

Во рамките на состанокот беа разгледани клучни прашања поврзани со развојот на официјалната статистика во сите статистички области, вклучително и националните сметки, статистиката за животната средина и климатските промени, социјалната и демографската статистика, статистиката за здравството, управувањето со податоци, истражувањето на благосостојбата, Целите за одржлив развој на ООН и други.

Претставниците на ДЗС учествуваа и на повеќе придружни настани, кои традиционално ѝ претходат или се одржуваат паралелно со сесијата на Комисијата. Особен интерес предизвика подготвеноста за користење на вештачката интелигенција во официјалната статистика и до кој степен корисниците добиваат точни, навремени и релевантни статистички податоци при користење на ВИ. Оваа тема е поврзана со зачувување на интегритетот на официјалната статистика како глобално јавно добро во свет управуван од вештачката интелигенција.

Друго важно случување беше форумот на тема „Повеќе од БДП: преиспитување на напредокот во свет што се менува“, при што беа разгледани можностите за развој на дополнителни индикатори кои би се користеле заедно со бруто-домашниот производ (БДП) со цел попрецизно да се прикажат економските, социјалните, еколошките и институционалните димензии на одржливиот развој.

Покрај формалните сесии, неделата беше одбележана и со низа билатерални средби со директори на статистички заводи и меѓународни организации. Овие средби овозможуваат зајакнување на партнерствата, идентификување на заедничките приоритети и продлабочување на соработката во рамките на глобалната заедница за податоци и статистика.

Дополнително, во пресрет на 57. сесија на Статистичката комисија на Обединетите нации, г. Станков присуствуваше на состанокот на Групата на високо ниво за партнерство, координација и градење капацитети за статистика за Агендата за одржлив развој 2030.

Состанокот претставуваше важна можност за оваа група на високи раководители од заедницата на официјалната статистика да ги разгледа подготовките за Светскиот форум за податоци на ООН, вклучително и напредокот постигнат во однос на логистичките подготовки, претпрограмата („Патот кон Ријад“) и програмата, завршниот документ, како и изборот на следниот домаќин.

Групата, исто така, ги разгледа следните чекори за спроведување на Рамката од Меделин и активностите поврзани со финансирањето на развојот, вклучително и подготовките за Форумот за финансирање на развојот во 2026 година. Дополнително, беа разгледани области во кои групата може да преземе поголема улога, усогласувајќи се со работата на Меѓуагенциската експертска група за индикаторите на Целите за одржлив развој (IAEG-SDGs) во рамките на иницијативата „Поуки од една деценија следење на Целите за одржлив развој: Зајакнување на глобалните рамки за забрзување кон 2030 година“.

Фото галерија

Поврзани вести и соопштенија

Европски ден на статистиката – 20 октомври 2024 година

Деветтиот по ред Европски ден на статистиката (20 октомври 2024 година) ќе се одбележи под следното мото избрано од Европскиот статистички советодавен комитет: „Официјалната статистика, прозорец за разбирање на општеството“

18 окт. 2024

Годишна оценска мисија на Евростат

Од 16 до 18 октомври 2024 година се одржа редовната годишна мисија за оценување на работата на Националниот статистички систем, што ја спроведува Статистичкиот завод на Европската Унија - Евростат

18 окт. 2024

Државниот завод за статистика и UN Women потпишаа Меморандум за разбирање за зајакнување на родовата статистика

„Со производството на веродостојни и навремени статистички податоци разделени по пол придонесуваме за креирање на политики, мерки и активности за подобрување на состојбите на полето на родовата еднаквост“

17 окт. 2024

Средба на директорите на Државниот завод за статистика и Централниот регистар

Во насока на продлабочување и интензивирање на соработката, вчера се одржа координативен состанок на директорите на Централниот регистар и Државниот завод за статистика, г-ѓа Анита Стамнова и г. Дејан Станков.

16 окт. 2024