Потпишана Декларација за партнерство за формализација на неформалната економија во Северна Македонија
Заедничка посветеност на институциите за намалување на сивата економија
На 18.02.2026 година, во рамките на Годишната конференција „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“, беше потпишана Декларацијата за партнерство и акција, со цел зајакнување на соработката меѓу институциите за формализација на неформалната економија во Северна Македонија.
Неформалната економија има значително влијание врз јавните финансии, конкурентноста на пазарот и социјалната правда. Со потпишувањето на Декларацијата, институциите се обврзаа на заедничка работа за намалување на сивата економија, унапредување на институционалните механизми за контрола и создавање пофер економска средина.
Во овој контекст, Државниот завод за статистика (ДЗС) има клучна улога во обезбедувањето навремени, точни и квалитетни статистички податоци при креирањето политики и стратегии за справување со неформалната економија, како и при анализата на нејзиниот обем и структура. Со тоа што ДЗС овозможува пристап до анонимизирани микроподатоци за научноистражувачки цели, им дава подршка на академските и истражувачките институции да спроведуваат студии за идентификација на причините и моделите на неформалната економија, а и да предложат решенија.
На конференцијата свои обраќања имаа претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски, министерката за финансии, м-р Гордана Димитриеска-Кочоска, министерот за економија и труд, г. Бесар Дурмиши, деканот на Економскиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, проф. д-р Мијалче Санта, националниот координатор на МОТ за Северна Македонија, г. Емил Крстановски, како и постојаниот претставник на УНДП во земјата, г. Армен Григоријан, а беа присутни и други претставници на академската заедница, бизнис-заедницата и синдикатите.
Во согласност со Декларацијата, ДЗС ќе продолжи да ги унапредува статистичките методологии, да ги поддржува напорите за следење на ефектите од мерките против неформалната економија и да обезбедува сигурни податоци што ќе придонесат за поефикасно управување со јавните ресурси и економските политики. Потпишувањето на Декларацијата ја потврдува решителноста на сите институции да работат заедно за подобрување на економската состојба и за намалување на влијанието на неформалната економија во државата.
Фото галерија
Поврзани вести и соопштенија
Дигитализација на статистичките податоци: Студентите задолжително да го пополнат електронскиот образец ВОИ.20
Нема веќе хартиени обрасци – запишаните студенти на додипломски студии се пријавуваат само електронски
26 авг. 2026
Едукативна поддршка од Државниот завод за статистика за нашите олимпијци на претстојната Меѓународна економска олимпијада
Со анализа на клучните економски индикатори во презентација, ДЗС даде придонес во подготовката на учениците за Меѓународната економска олимпијада
16 јун. 2026
Претставници на Државниот завод за статистика учествуваа на Европската конференција за квалитет во официјалната статистика Q2026
На конференцијата во Шибеник, претставниците на ДЗС ги презентираа искуствата од користењето на Националната платформа за интероперабилност и учествуваа во дискусиите за квалитетот, иновациите и довербата во официјалната статистика
05 јун. 2026
81 година Државен завод за статистика: Во чекор со европските стандарди и вредности
Одржана конференцијата „Македонската официјална статистика низ призмата на Кодексот за работа на европската статистика“
02 јун. 2026
Државниот завод за статистика се вклучи во „Генералка викенд 2026“
Како општествено одговорна институција, ДЗС активно учествува во „Генералка викенд 2026“ за создавање почиста и поздрава урбана средина
08 мај 2026