Продолжува успешната соработка меѓу Државниот завод за статистика и Чешкиот завод за статистика
Размена на искуства и добри практики, унапредување на статистичките методологии и отворање нови можности за билатерална соработка.
На 6 и 7 октомври 2026 година, делегација на Државниот завод за статистика, предводена од директорот, д-р Дејан Станков, оствари дводневна работна посета на Чешкиот завод за статистика во Прага, во рамките на долгогодишната билатерална соработка меѓу двете институции.
Делегацијата оствари средба со претседателот на Чешкиот завод за статистика, Марек Ројичек.
Во фокусот на средбата беа можностите за натамошно продлабочување на институционалната соработка, размената на искуства и добри практики, како и унапредувањето на статистичките процеси и методологии.
Во текот на дводневната посета беа разгледани повеќе значајни области од официјалната статистика, меѓу кои статистиката на цените, со посебен осврт на индексите на цените на производителите на индустриски производи и услуги, анкетните истражувања на домаќинствата и нивната техничка поддршка, како и националните сметки.
Посебно внимание беше посветено на брзите процени на бруто-домашниот производ, подготовките за имплементација на новиот Европски систем на сметки ЕСС 2030, ревизијата на Националната класификација на дејности, статистиката на владините финансии и функционирањето на статистичкиот деловен регистар.
Разговорите овозможија размена на стручни искуства и согледување на можностите за примена на современи методолошки решенија, како и за идентификување области од заеднички интерес за идна соработка.
Оваа посета претставува продолжение на долгогодишното успешно партнерство меѓу двете национални статистички институции и ја потврдува заедничката определба за натамошно јакнење на професионалните врски, размената на знаења и унапредувањето на квалитетот на официјалната статистика.
Државниот завод за статистика останува посветен на развивањето на меѓународната соработка и усогласувањето со европските статистички стандарди, во насока на обезбедување навремени, квалитетни и веродостојни статистички податоци за потребите на корисниците.
Фото галерија
Поврзани вести и соопштенија
Среќна Нова 2026 година
31 дек. 2025
Официјалната статистика како клучен елемент во јакнењето на родовата еднаквост
Податоците како основа за отчетност и јавни политики што се темелат врз факти
16 дек. 2025
Панел-дискусија за улогата на финансиските извештаи во креирањето политики
Сметководствените извештаи создаваат квалитетни макроекономски статистики кои се основа за ефективни политики
15 дек. 2025
Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Државниот завод за статистика и Сојузот на математичарите на Македонија
Јакнење на интересот и потенцијалот на младите за економските науки
11 дек. 2025
Средба со Амбасадорот на Република Чешка – потенцирана континуираната соработка помеѓу македонскиот и чешкиот статистички систем
Беше истакнато дека ваквите партнерства претставуваат важна основа за развој на современи, ефикасни и доверливи статистички системи што е од суштинско значење за креирање на квалитетни политики и за транспарентно информирање на јавноста
02 дек. 2025