Продолжува успешната соработка меѓу Државниот завод за статистика и Чешкиот завод за статистика
Размена на искуства и добри практики, унапредување на статистичките методологии и отворање нови можности за билатерална соработка.
На 6 и 7 октомври 2026 година, делегација на Државниот завод за статистика, предводена од директорот, д-р Дејан Станков, оствари дводневна работна посета на Чешкиот завод за статистика во Прага, во рамките на долгогодишната билатерална соработка меѓу двете институции.
Делегацијата оствари средба со претседателот на Чешкиот завод за статистика, Марек Ројичек.
Во фокусот на средбата беа можностите за натамошно продлабочување на институционалната соработка, размената на искуства и добри практики, како и унапредувањето на статистичките процеси и методологии.
Во текот на дводневната посета беа разгледани повеќе значајни области од официјалната статистика, меѓу кои статистиката на цените, со посебен осврт на индексите на цените на производителите на индустриски производи и услуги, анкетните истражувања на домаќинствата и нивната техничка поддршка, како и националните сметки.
Посебно внимание беше посветено на брзите процени на бруто-домашниот производ, подготовките за имплементација на новиот Европски систем на сметки ЕСС 2030, ревизијата на Националната класификација на дејности, статистиката на владините финансии и функционирањето на статистичкиот деловен регистар.
Разговорите овозможија размена на стручни искуства и согледување на можностите за примена на современи методолошки решенија, како и за идентификување области од заеднички интерес за идна соработка.
Оваа посета претставува продолжение на долгогодишното успешно партнерство меѓу двете национални статистички институции и ја потврдува заедничката определба за натамошно јакнење на професионалните врски, размената на знаења и унапредувањето на квалитетот на официјалната статистика.
Државниот завод за статистика останува посветен на развивањето на меѓународната соработка и усогласувањето со европските статистички стандарди, во насока на обезбедување навремени, квалитетни и веродостојни статистички податоци за потребите на корисниците.
Фото галерија
Поврзани вести и соопштенија
Честит 23 Октомври – Ден на македонската револуционерна борба!
22 окт. 2025
Светскиот ден на статистиката одбележан со меѓународна научна конференција во Будимпешта
Статистиката и науката – партнери за подобра иднина
21 окт. 2025
Потпишан договор за размена на податоци со Агенцијата за вработување
Јакнење на статистичкиот систем преку размена на податоци меѓу клучни институции
17 окт. 2025
Меѓународна конференција за применети економски истражувања на Економскиот факултет при УКИМ
Со новите дигитални решенија и стандарди, статистиката станува клучна алатка за модерно и одговорно управување
03 окт. 2025
ДЗС учествуваше на состанок на Групата за статистичка соработка во Анкара
Разгледани приоритетите за усогласување со ЕУ и идната статистичка соработка
25 септ. 2025