Трета регионална конференција на сметководители и овластени сметководители „Генерација со визија – Професија со иднина“
Директорот на Државниот завод за статистика, г. Дејан Станков, учествуваше на Третата регионална конференција на сметководители и овластени сметководители „Генерација со визија – Професија со иднина“, организирана од Институтот на сметководители и овластени сметководители
Конференцијата, која се одржа во Скопје, обедини претставници од институции, меѓународни организации, професионалната заедница и бизнис-секторот, со цел размена на искуства и дискусија за современите предизвици во финансиското известување, дигитализацијата и примената на меѓународните стандарди.
Во рамките на панел-дискусијата посветена на меѓународните стандарди и дигитализацијата на финансиското известување, директорот истакна дека ако системите за финансиско известување се стандардизирани, дигитално структурирани и машински читливи, статистичките институции може да воспостават директни врски со овие извори на податоци. Ова ќе овозможи автоматско преземање грануларни податоци и можност за поголема аналитика, што води кон намалување на товарот врз извештајните единици и ограничување на потребата од спроведување посебни статистички истражувања. Целта на ваквиот систем е да се применува принципот „еднаш доставени податоци – повеќекратна употреба“.
Деловното сметководство и националните сметки не се концептуално исти: едното работи со микроподатоци и сметководствени принципи, а другото со статистички агрегати и методологија SNA. Сепак, податоците од финансиските извештаи се главен извор при составување на националните сметки и затоа повисок квалитет на сметководствените податоци, усогласени со меѓународните стандарди, води кон обезбедување конзистентни и висококвалитетни статистички податоци.
Фото галерија
Поврзани вести и соопштенија
Свечена академија „80 години Државен завод за статистика“
Од рачно собрани податоци до современи дигитални платформи, од статистички годишници во хартиена форма до отворени бази на податоци достапни за сите граѓани – патот што го изоде официјалната статистика е навистина импресивен
03 јун. 2025
Крводарителска акција по повод 80-годишниот јубилеј на институцијата
ДЗС посветено работи на подобрување на општествената благосостојба преку хуманитарни активности и поддршка на различни иницијативи
27 мај 2025
Официјална посета на Унгарскиот централен завод за статистика
Државниот завод за статистика на Република Северна Македонија и Унгарскиот централен завод за статистика ја зајакнуваат соработката преку билатерален состанок и меморандум за разбирање
14 мај 2025
Државниот завод за статистика се вклучи во „Генералка викенд 2025“
Како општествено одговорна институција, ДЗС активно учествува во „Генералка викенд 2025“ за создавање почиста и поздрава урбана средина
09 мај 2025
Едукативна посета на ученици од ОУ „Григор Прличев“ – Скопје
ДЗС и понатаму ќе продолжи да придонесува за образованието и информираноста на младите генерации, со цел да го поттикне нивниот интерес за статистиката
08 мај 2025