Директорот на ДЗС на меѓународна конференција за геопросторни информации во Кишинев, Молдавија
Презентирани искуствата и новите решенија на ДЗС за унапредување на производството и дисеминацијата на статистичките податоци
Во рамките на посетата на Кишинев, Молдавија, директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС), д-р Дејан Станков, на 24 септември 2026 година учествуваше на меѓународната конференција од висок формат „Искористување на геопросторните информации за унапредено производство и дисеминација на статистички податоци за поддршка на интеграцијата во ЕУ“, организирана од Националното биро за статистика на Молдавија со поддршка на Евростат.
На Конференцијата учествуваа претставници на Евростат и меѓународни организации националните статистички институции, институции надлежни за геопросторни информации, со цел размена на искуства и добри практики за интегрирање на статистичките и геопросторните информации и нивно користење за модернизација на официјалната статистика.
Главна тема на конференцијата беше интеграцијата на статистичките и просторните податоци како важен фактор за унапредување на производството и дисеминацијата на официјалната статистика. Геопросторните информации ја обезбедуваат важната димензија на статистичките податоци „КАДЕ“, овозможувајќи производство на порелевантни, подетални и просторно збогатени статистички информации и подобрување на нивната достапност и употребливост.
Конференцијата ја отворија г. Олег Кара, генерален директор на Националното биро за статистика на Молдавија и г-ѓа Кристина Герасимов, заменик-претседателка на Владата на Република Молдавија задолжена за европска интеграција. На Конференцијата свое обраќање имаше и директорката на Евростат, г-ѓа Маријана Коцева, која ја истакна сè поголемата важност на геопросторните податоци и можностите што ги нудат современите технолошки достигнувања за нивното интегрирање со статистичките информации.
Во рамките на Конференцијата, д-р Дејан Станков ги претстави искуствата и планираните активности на Државниот завод за статистика, а посебен акцент беше ставен врз развојот на новите современи решенија за дисеминација и олеснувањето на пристапот до официјалните статистички податоци.
Во овој контекст беше презентиран и новиот производ на Државниот завод за статистика – Статистички асистент со вештачка интелигенција, решение базирано на вештачка интелигенција, кое овозможува корисниците да пристапуваат до официјалните статистички податоци од базата МАКСТАТ преку природен јазик, без потреба од познавање на структурата на базата или специфичната статистичка терминологија.
Директорот на Државниот завод за статистика имаше чест да ја модерира сесијата „Предизвици поврзани со достапноста на домувањето – подготовка за Пописот на населението и становите, 2031“, посветена на предизвиците поврзани со достапноста на домувањето и подготовките за Пописот на населението и становите во 2031 година.
Учеството на директорот на ДЗС на оваа Конференција претставува придонес кон размената на искуства и унапредувањето на меѓународната соработка во областа на модернизацијата на официјалната статистика, примената на иновативни технологии и интеграцијата на различни извори на податоци, во насока на подобрување на квалитетот, релевантноста и достапноста на статистичките податоци и поддршка на процесот на европска интеграција.
Фото галерија
Поврзани вести и соопштенија
ДЗС и УНИЦЕФ заедно за зајакнување на податоците за децата и жените во Северна Македонија
MICS 2027: Кредибилни податоци за поефективни политики во справувањето со нееднаквостите и поддршката на семејствата
09 апр. 2026
Промовирани нови е-услуги за високо образование на Националниот портал е-Услуги
Нови електронски обрасци за побрзо доставување податоци за дипломирани студенти, магистри и доктори на науки
02 апр. 2026
Државниот завод за статистика потпиша нов колективен договор со Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани
Поголеми права и зголемени плати за вработените
31 мар. 2026
Плодна соработка на Државниот завод за статистика со ММФ за развој на официјалната статистика
Разгледани клучни макроекономски индикатори, демографски трендови и активностите во рамки на СДДС плус статистичкиот стандард на ММФ
23 мар. 2026
Делегација на Државниот завод за статистика учествуваше на 57. сесија на Статистичката комисија на ООН во Њујорк
Состанокот ги обедини директорите на статистичките институции од 193 земји за дискусија за клучните предизвици и идните насоки на глобалниот статистички систем
09 мар. 2026