Светскиот ден на статистиката одбележан со меѓународна научна конференција во Будимпешта
Статистиката и науката – партнери за подобра иднина

По повод одбележувањето на Светскиот ден на статистиката, Унгарскиот централeн завод за статистика (HCSO) организира меѓународна научна конференција на тема „Статистика и наука“, која се одржа на 20 октомври 2025 година во свечената сала на Унгарската академија на науките во Будимпешта. Конференцијата собра еминентни експерти од Унгарија и од странство, кои дискутираа за меѓусебното влијание на статистиката и науката, како и за најновите трендови во истражувањето и креирањето политики базирани на податоци.
Свои поздравни говори на отворањето имаа:
- Ласло Петер Колар, генерален секретар на Унгарската академија на науките
- Арон Кинчеш, претседател на Унгарскиот централeн завод за статистика
- Тина Луиге, директорка на Секторот за статистика при Економската комисија за Европа на Обединетите нации (UNECE).
Директорот на Државниот завод за статистика на Република Северна Македонија, д-р Дејан Станков, учествуваше во првиот дел од конференцијата, при што го претстави значењето на соработката помеѓу статистичките институции и академската заедница. Овој настап ја потврдува заложбата на нашата институција за активно учество во меѓународните статистички иницијативи и за зајакнување на научната димензија на официјалната статистика.
Во првиот дел од конференцијата, своја презентација имаше и проф. Тобијас Томас од Универзитетот во Грац, кој зборуваше за улогата на современата статистичка инфраструктура во унапредувањето на научните истражувања. Барнабаш Вираг, заменик-претседател на Народната банка на Унгарија, го анализираше значењето на статистичките податоци за идните економски политики.
Кон првиот дел се придружи и Етјен Каруана, директор на Заводот за статистика на Малта, кој говореше за предизвиците и можностите поврзани со модернизацијата на статистичките институции.
Државниот завод за статистика изразува искрена благодарност до претседателот на Унгарскиот централeн завод за статистика, г. Арон Кинчеш за одличната организација и гостопримството.
Настанот ја нагласи клучната улога на статистичките методи во современата наука – од моделирање и предиктивна анализа до машинско учење и откривање шеми во податоците. Статистиката претставува суштински елемент за донесување одлуки базирани на информации и за развој на науката, а статистичките институции, како истражувачки и иновативни тела, имаат сѐ поважна улога во овој процес.
Светскиот ден на статистиката се одбележува секои пет години, започнувајќи од 2010 година по иницијатива на Обединетите нации, со цел да се поттикне јавната свест за значењето на квалитетните, навремени и доверливи статистички податоци во разбирањето на општествените и економските процеси.
Фото галерија


Поврзани вести и соопштенија
Едукативна поддршка од Државниот завод за статистика за нашите олимпијци на претстојната Меѓународна економска олимпијада

Со анализа на клучните економски индикатори во презентација, ДЗС даде придонес во подготовката на учениците за Меѓународната економска олимпијада
08 јул. 2025
Република Северна Македонија станува член на групата на високо ниво за партнерство, координација и градење капацитети за статистика за агендата за одржлив развој 2030 на ОН

Доц. д-р Дејан Станков, директор на Државниот завод за статистика на Република Северна Македонија, е назначен за член на HLG-PCCB на ОН од јуни 2025 година
30 јун. 2025
Статистиката како алатка за еднаквост: Државниот завод за статистика на конференцијата „EqualXchange“

ДЗС со силна поддршка на еднаквите можности – презентирани клучни податоци и насоки на конференцијата „EqualXchange“ на тема „Empowering Ideas, Inspiring Journeys“
16 јун. 2025
Статистичка конфренција „25 години родови статистики"

Конференцијата се одржа во рамките на одбележувањето на јубилејот 80 години од основањето на Државниот завод за статистика, со што се нагласи континуираниот придонес на институцијата за развојот на официјалната статистика
04 јун. 2025
Свечена академија „80 години Државен завод за статистика“

Од рачно собрани податоци до современи дигитални платформи, од статистички годишници во хартиена форма до отворени бази на податоци достапни за сите граѓани – патот што го изоде официјалната статистика е навистина импресивен
03 јун. 2025