Светскиот ден на статистиката одбележан со меѓународна научна конференција во Будимпешта
Статистиката и науката – партнери за подобра иднина
По повод одбележувањето на Светскиот ден на статистиката, Унгарскиот централeн завод за статистика (HCSO) организира меѓународна научна конференција на тема „Статистика и наука“, која се одржа на 20 октомври 2025 година во свечената сала на Унгарската академија на науките во Будимпешта. Конференцијата собра еминентни експерти од Унгарија и од странство, кои дискутираа за меѓусебното влијание на статистиката и науката, како и за најновите трендови во истражувањето и креирањето политики базирани на податоци.
Свои поздравни говори на отворањето имаа:
- Ласло Петер Колар, генерален секретар на Унгарската академија на науките
- Арон Кинчеш, претседател на Унгарскиот централeн завод за статистика
- Тина Луиге, директорка на Секторот за статистика при Економската комисија за Европа на Обединетите нации (UNECE).
Директорот на Државниот завод за статистика на Република Северна Македонија, д-р Дејан Станков, учествуваше во првиот дел од конференцијата, при што го претстави значењето на соработката помеѓу статистичките институции и академската заедница. Овој настап ја потврдува заложбата на нашата институција за активно учество во меѓународните статистички иницијативи и за зајакнување на научната димензија на официјалната статистика.
Во првиот дел од конференцијата, своја презентација имаше и проф. Тобијас Томас од Универзитетот во Грац, кој зборуваше за улогата на современата статистичка инфраструктура во унапредувањето на научните истражувања. Барнабаш Вираг, заменик-претседател на Народната банка на Унгарија, го анализираше значењето на статистичките податоци за идните економски политики.
Кон првиот дел се придружи и Етјен Каруана, директор на Заводот за статистика на Малта, кој говореше за предизвиците и можностите поврзани со модернизацијата на статистичките институции.
Државниот завод за статистика изразува искрена благодарност до претседателот на Унгарскиот централeн завод за статистика, г. Арон Кинчеш за одличната организација и гостопримството.
Настанот ја нагласи клучната улога на статистичките методи во современата наука – од моделирање и предиктивна анализа до машинско учење и откривање шеми во податоците. Статистиката претставува суштински елемент за донесување одлуки базирани на информации и за развој на науката, а статистичките институции, како истражувачки и иновативни тела, имаат сѐ поважна улога во овој процес.
Светскиот ден на статистиката се одбележува секои пет години, започнувајќи од 2010 година по иницијатива на Обединетите нации, со цел да се поттикне јавната свест за значењето на квалитетните, навремени и доверливи статистички податоци во разбирањето на општествените и економските процеси.
Фото галерија
Поврзани вести и соопштенија
Посета на студенти од Меѓународниот балкански универзитет
Презентацијата, подготвена од стручните лица од ДЗС, ги опфати клучните аспекти на процесот на изборот на примероци, прибирањето податоци и нивното уредување
22 апр. 2025
Посета на студенти од Институтот за социологија при Филозофскиот факултет – Скопје
Овој тип на соработка помеѓу академската заедница и Државниот завод за статистика е од особено значење за унапредување на знаењето и практичните вештини на идните социолози
16 апр. 2025
Отворен нов Центар за обука со поддршка од Шведската статистика
Центарот овозможува современи услови за едукација, соработка и професионален развој во статистиката, достапен е за вработените во Заводот, како и за академската заедница, медиумите и други корисници на статистички податоци
10 апр. 2025
Од статистички податоци до ефективни политики
Податоците треба да бидат основа за креирање политики базирани на докази за да се постигне поинклузивен и правичен развој.
01 апр. 2025
Статистичките фискални податоци за брзи државни одлуки
Државниот завод за статистика (ДЗС) беше домаќин на акад. проф. д-р Абдулменаф Беџети и проф. д-р Марина Трпеска, како претставници на Фискалниот совет на Република Северна Македонија, кои беа примени од страна на д-р Дејан Станков, директор на ДЗС, на 27.03.2025 г
28 мар. 2025