Државен завод за СТАТИСТИКА

Новости

Светскиот ден на статистиката одбележан со меѓународна научна конференција во Будимпешта

Статистиката и науката – партнери за подобра иднина

По повод одбележувањето на Светскиот ден на статистиката, Унгарскиот централeн завод за статистика (HCSO) организира меѓународна научна конференција на тема „Статистика и наука“, која се одржа на 20 октомври 2025 година во свечената сала на Унгарската академија на науките во Будимпешта. Конференцијата собра еминентни експерти од Унгарија и од странство, кои дискутираа за меѓусебното влијание на статистиката и науката, како и за најновите трендови во истражувањето и креирањето политики базирани на податоци.

Свои поздравни говори на отворањето имаа:

  • Ласло Петер Колар, генерален секретар на Унгарската академија на науките
  • Арон Кинчеш, претседател на Унгарскиот централeн завод за статистика
  • Тина Луиге, директорка на Секторот за статистика при Економската комисија за Европа на Обединетите нации (UNECE).

Директорот на Државниот завод за статистика на Република Северна Македонија, д-р Дејан Станков, учествуваше во првиот дел од конференцијата, при што го претстави значењето на соработката помеѓу статистичките институции и академската заедница. Овој настап ја потврдува заложбата на нашата институција за активно учество во меѓународните статистички иницијативи и за зајакнување на научната димензија на официјалната статистика.

Во првиот дел од конференцијата, своја презентација имаше и проф. Тобијас Томас од Универзитетот во Грац, кој зборуваше за улогата на современата статистичка инфраструктура во унапредувањето на научните истражувања. Барнабаш Вираг, заменик-претседател на Народната банка на Унгарија, го анализираше значењето на статистичките податоци за идните економски политики.

Кон првиот дел се придружи и Етјен Каруана, директор на Заводот за статистика на Малта, кој говореше за предизвиците и можностите поврзани со модернизацијата на статистичките институции.
Државниот завод за статистика изразува искрена благодарност до претседателот на Унгарскиот централeн завод за статистика, г. Арон Кинчеш за одличната организација и гостопримството.


Настанот ја нагласи клучната улога на статистичките методи во современата наука – од моделирање и предиктивна анализа до машинско учење и откривање шеми во податоците. Статистиката претставува суштински елемент за донесување одлуки базирани на информации и за развој на науката, а статистичките институции, како истражувачки и иновативни тела, имаат сѐ поважна улога во овој процес.

Светскиот ден на статистиката се одбележува секои пет години, започнувајќи од 2010 година по иницијатива на Обединетите нации, со цел да се поттикне јавната свест за значењето на квалитетните, навремени и доверливи статистички податоци во разбирањето на општествените и економските процеси.

Фото галерија

Поврзани вести и соопштенија

Статистичките фискални податоци за брзи државни одлуки

Државниот завод за статистика (ДЗС) беше домаќин на акад. проф. д-р Абдулменаф Беџети и проф. д-р Марина Трпеска, како претставници на Фискалниот совет на Република Северна Македонија, кои беа примени од страна на д-р Дејан Станков, директор на ДЗС, на 27.03.2025 г

28 мар. 2025

56. сесија на Статистичката комисија на ОН – највисоко тело за одлучување за меѓународни статистички активности

Генерална тема на сесијата е „Подобри податоци, подобри животи“, а членовите на Комисијата за статистика, меѓу другото, дискутираа и усвоија  две резолуции – „Систем на националните сметки 2025“ и „Светска програма за попис на населението и домувањето за 2030 година“

10 мар. 2025

Потпишување Меморандум за соработка со Американскиот колеџ

Со ова партнерство, ќе се обезбеди подобра координација и размена на информации меѓу институциите, што ќе овозможи поефикасно користење на статистичките податоци во академските истражувања и образованието.

26 фев. 2025